ПОВЕЌЕ

    Реконструкција на поликлиниката „Идадија“ вредна над половина милион евра

    Време зa читање: 2 минути

    Со инвестиција од 31 милион денари се реконструира Поликлиниката „Идадија“ во Скопје. Зафатот се реализира преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, кој го спроведува Министерството за финансии во соработка со Светска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

    Договорот за грант меѓу Министерството за финансии и Здравствениот дом Скопје е потпишан во декември 2025 година, по што е спроведена јавна набавка. Во март годинава е склучен договор со избраниот изведувач во вредност од 31.028.850 денари, а градежните работи веќе се во тек.

    Поликлиниката, која е изградена во 1975 година, речиси пет децении функционирала со дотраена инфраструктура – без соодветна термоизолација, со стара фасадна столарија, неефикасен систем за греење и застарено осветлување. Според Министерството за финансии, тоа доведувало до голема потрошувачка на енергија и високи трошоци за одржување.

    Реконструкцијата предвидува поставување нова термоизолациска фасада и кровна изолација, целосна замена на надворешната столарија, модернизација на системот за централно греење, поставување ЛЕД-осветлување и реконструкција на електроинсталацијата.

    Од Министерството очекуваат по завршувањето на проектот значително да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија, да се намалат оперативните трошоци и да се подобрат условите и за медицинскиот персонал и за пациентите.

    Реконструкцијата на „Идадија“ е дел од пошироката програма за модернизација на јавните здравствени установи преку инвестиции во енергетска ефикасност.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично