
Ниту силниот удар, ниту главата што му висела од телото не биле доволни за да го запрат роботот Матадор. Пред изненадената публика во кинескиот град Шенжен, хуманоидната машина продолжила да задава удари и да се обидува да остане во борбата, создавајќи сцена што повеќе наликувала на научнофантастичен филм отколку на спортски натпревар.
Необичниот инцидент се случил на отворањето на Ultimate Robot Knock-out Legend – URKL, натпреварување кое организаторите го претставуваат како прва лига во светот за слободни борби меѓу хуманоидни роботи во природна големина.
Снимката од мечот брзо се прошири на социјалните мрежи. На неа се гледа како оштетениот робот продолжува да удира и да клоца, иако неговата глава била речиси целосно одвоена од телото.
Во арената се соочиле два роботи од моделот T800 на кинеската компанија EngineAI – Вајт Игл и Матадор.
Во еден момент, Вајт Игл извел силен висок удар со нога, со кој ја поместил главата на противникот од нејзината позиција. Главата на Матадор почнала да се ниша, но роботот не престанал да се бори и продолжил да разменува удари.
Неколку моменти подоцна Матадор паднал напред и со сопственото тело ја притиснал оштетената глава. Се обидел повторно да стане, но тогаш таа целосно се одвоила, по што роботот повторно се урнал на подот.
Борбата била прекината, а Вајт Игл ја прославил победата со серија танцови движења и победнички пози. Оштетениот Матадор потоа бил отстранет од арената од страна на организаторите.
Компанијата EngineAI го претстави моделот T800 минатата година. Неговото име е инспирирано од познатиот роботски лик од филмската франшиза „Терминатор“.
Роботот е развиен за изведување сложени и динамични движења, а компанијата досега го прикажувала како изведува комбинации од боксерски удари, кружни удари со нога и други движења инспирирани од мешаните боречки вештини.
Инцидентот во Шенжен, сепак, покажа дека роботите можат да продолжат да ја извршуваат зададената програма и при сериозно физичко оштетување – барем додека нивните механички и контролни системи сè уште функционираат.
URKL е замислен како натпреварување во кое тимовите не конструираат целосно нов робот, туку ја користат платформата T800 како основа. Потоа развиваат сопствен оклоп и прават инженерски модификации со кои се обидуваат да ги подобрат брзината, стабилноста и издржливоста на машината.
На почетокот за натпреварувањето се пријавиле повеќе од 200 екипи од десет земји. По онлајн квалификациите, 32 тима обезбедиле место во следната фаза.
При оценувањето се земаат предвид контролата на движењата, рамнотежата, перцепцијата на околината, донесувањето одлуки, напојувањето и структурната издржливост на роботите.
Квалификациските борби треба да се одржуваат во текот на јули и август, додека финалето е најавено до крајот на 2026 година.
Победничкиот тим треба да добие шампионски појас вреден десет милиони јуани, односно приближно 1,44 милиони долари.
Иако борбите се организирани како спектакл, тие истовремено претставуваат и тест за способностите на новата генерација хуманоидни роботи. Наместо во лабораториски услови, нивната рамнотежа, брзина, сила и отпорност се проверуваат во директна пресметка со друга машина.
А Матадор, иако го загуби мечот и главата, најверојатно стана најзапаметениот учесник на отворањето на турнирот.
Аналитика








