ПОВЕЌЕ

    Прометот расте, МБИ10 паѓа – секој втор денар на Берзата е од блок-трансакции

    Време зa читање: 3 минути

    Првата половина од годината донесе пад на вредноста на акциите, но тоа не ги поколеба инвеститорите. На Македонската берза се истргуваа хартии од вредност во вкупна вредност од 4,57 милијарди денари (околу 74,1 милион евра), што е за 4,35 насто повеќе од истиот период лани. Растот во голема мера се должи на блок-трансакциите, кои учествуваат со повеќе од половина од вкупниот промет.

    Во текот на првите шест месеци пазарната капитализација се намали за 5,8 отсто и изнесува 338,3 милијарди денари. Најсилниот индикатор на берзанските движења, основниот индекс МБИ10 загуби 9,88 отсто од својата вредност и се спушти на 9.521,52 поени. Како потсетување, лани во ова време се зборуваше за вредност од 10.565,34 поени. Истовремено, бројот на реализираните трансакции е намален за речиси една четвртина – склучени се 8.641 купопродажба, за 25,94 отсто помалку на годишно ниво.

    Уште еден интересен податок: 52,56 отсто од целиот промет, или 2,4 милијарди денари, односно близу 39 милиони евра, се реализирани преку 38 блок-трансакции. Секој втор денар што минал низ Берзата во првото шестмесечие, доаѓа од договорени пакет-продажби со познати инвеститори, а не од секојдневното тргување. За споредба, во истот лански период имало 67 блокови, но со вкупен износ од 758,6 милиони денари.

    Од месечен аспект, првите пет месеци не биле премногу возбудливи кога станува збор за блок-трансакциите. Посолиден бил јануари со 583,2 милиони денари и учество во вкупниот промет од 24,28 отсто. Во април нивниот удел бил само 0,34, а во мај 1,08 отсто. Сликата целосно се менува во јуни: регистрирани се 11 блокови и остварени се 1,146 милијарди денари или 47,72 отсто од прометот.

    Од друга страна, класичното тргување бележи намалување од 31,34 отсто и достигнува 2,1 милијарда денари. На Официјалниот пазар се истргувани 2,09 милијарди денари (речиси 34 милиони евра), со учество од 45,86 отсто во вкупниот промет. Притоа, реализирани се 8.537 трансакции. На Редовниот пазар биле истргувани акции во вредност од само 29,3 милиони денари, што претставува скромни 0,64 отсто од вкупниот промет.

    Во класичното тргување најактивен бил февруари со 393,2 милиони денари (18,50 %), а најслаб промет е постигнат во мај – 282,1 милион денари и учество од 13,28 отсто.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично