Помал интерес за градба пројавиле инвеститорите во мај. Бројот на издадените дозволи за градење е намален за 27,5 отсто во споредба со истиот месец лани, а пад бележи и вредноста на планираните инвестиции. И покрај тоа, проектирана е изградба на 840 нови станови, а најголемиот дел од вложувањата се насочени кон Источниот Регион.
Во мај се издадени 340 одобренија за градење со предвидена вредност на објектите од речиси 6,67 милијарди денари или над 108,4 милиони евра. Тоа е за 15,2 отсто помалку на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. За споредба, лани во мај станувало збор за 469 дозволи, за годишен раст од 80,4 насто и за 1.037 планирани станови. Тогашната предвидена вредност била 128 милиони евра.
И натаму најголем дел од дозволите се однесуваат на високоградбата. Од вкупниот број, 67,3 отсто или 229 одобренија се за станбени и деловни објекти. За нискоградба се издадени само 22 одобренија (6,5 %) и во однос на ланскиот мај бројноста е намалена за речиси 79 отсто, а вредноста на овие проекти паднала за повеќе од 73 отсто. Наменети за реконструкција на објекти се 89 дозволи (26,2 %). И во овој сегмент бројот на дозволите е нешто помал, но нивната предвидена вредност е речиси 2,6 пати поголема отколку лани.
Физичките лица добиле 214 одобренија или скоро две третини од вкупниот број, додека деловните субјекти добиле 126 дозволи. Затоа, пак, состојбата е сосема поинаква од аспект на вредноста на проектите. Компаниите стојат зад инвестиции вредни 5,31 милијарди денари, односно околу 80 отсто од вкупната вредност, а поединците инвестираат 1,36 милијарди денари. Просечно, секој проект на деловен субјект вреди повеќе од 42 милиони денари, додека просечната инвестиција на физичко лице изнесува околу 6,3 милиони денари.
Најмногу одобренија – 76 се издадени во Источниот Регион. Таму е забележлива и најголемата вредност на планираните градежни работи – 2,77 милијарди денари. Според вредноста следуваат Југоисточниот Регион со една милијарда денари, Скопскиот со 977 милиони денари и Југозападниот Регион со 662 милиони денари. Се чини, најслаба е градежната активност во Североисточниот Регион, каде што се издадени само шест одобренија со вкупна вредност од неполни 19 милиони денари.
Во мај е предвидена изградба на 840 станови со вкупна корисна површина од 71.561 квадратен метар. Најмногу ќе се градат во Источниот Регион (249), Југозападниот (189) и во Скопскиот Регион (166). Најзастапени се двособните (310), трособните (292) и четирисобните станови (131). Исклучок е Полошкиот Регион, каде што речиси половина од планираните станови – 44 од вкупно 91 – ќе имаат пет или повеќе соби.
Аналитика








