
Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА воспоставуваат стратешка соработка насочена кон поголемо вклучување на младите во развојот на општините.
Во рамки на соработката, во текот на август и септември ќе започне програмата „Месеци на практикантство“, која ќе се реализира во соработка со државните универзитети. Преку неа, студентите ќе имаат можност директно да се вклучат во работата на општините и да стекнат практично искуство во локалната самоуправа.
Според соопштението, Агенцијата ИНОВА ќе го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и меморандумот за соработка со државните универзитети, ќе ја организира и координира практичната работа согласно потребите на општинските администрации.
Во рамки на соработката е предвидено и преку грант-програмите на ИНОВА да се поддржат стартапи, иновативни компании и претприемачи кои ќе понудат решенија за предизвиците со кои се соочуваат општините.
Во соопштението се наведува дека целта е да се создадат повеќе можности за младите, да се зајакнат капацитетите на општините и да се поттикне соработката меѓу локалната самоуправа, универзитетите, иновативниот сектор и бизнис-заедницата.
Аналитика








