ПОВЕЌЕ

    Реплек со продажба од 13,9 милиони евра – домашниот пазар ги амортизира извозните предизвици

    Време зa читање: 3 минути

    Продажба од 13,9 милиони евра е шестмесечниот биланс од работењето на Реплек. На домашниот пазар фармацевтската компанија постигнала раст од 24 насто, додека резултатите од извозот биле под влијание на променетата динамика на меѓународните пазари и поместувањето на планираните испораки. Компанијата соопшти дека во вакви услови продолжува со инвестиции, проширување на присуството на странските пазари и развој на нови производи.

    Од реализираната продажба во сегментот Фармација, 9,1 милиони евра се остварени на странските пазари, а 4,8 милиони евра на домашниот пазар. Во вкупните приходи, домашната продажба сега учествува со 35 отсто.

    Од Реплек истакнуваат дека растот на домашниот пазар е продолжение на позитивниот тренд забележан уште во првиот квартал:

    „Домашниот пазар во првото полугодие бележи раст од 24 %, што претставува засилување во однос на растот од 20 % забележан во првиот квартал. Овој резултат е директна потврда на зајакнатата пазарна позиција на компанијата, ефектите од новите производи лансирани во 2025 година кои постепено наоѓаат свое место на пазарот, како и на силниот комерцијален придонес на клучните производни линии. Домашниот пазар се потврди како стабилен двигател на резултатите на Групацијата и претставува важен елемент на стратегијата за раст на компанијата“.

    Истовремено, вкупните продажби во сегментот Фармација се за 15 отсто пониски во споредба со истиот период лани, што компанијата го поврзува со случувањата на странските пазари:

    „На извозните пазари, продажбите во првото полугодие беа под влијание на променета динамика која не се разви во согласност со очекувањата поставени во претходниот период. Во дел од партнерските канали настанаа промени во временските рамки кои повторно доведоа до поместување на планираните испораки. Побарувачката на клучните пазари останува непроменета, а договорните обврски се во сила, но реалниот момент на реализација на испораките останува под влијание на глобални фактори кои во тековниот период се појавуваат со поголема фреквенција од претходно очекуваната“.

    И покрај предизвиците, Реплек продолжува со реализација на долгорочната стратегија за раст. Како еден од најзначајните чекори во првото полугодие ја издвојува реализацијата на првиот извоз на свој производ на пазарот во Велика Британија:

    „Реализацијата на првиот извоз на македонски производ кон Велика Британија, резултат кој произлегува директно од регистрацијата завршена во 2025 година, претставува конкретна потврда за способноста на компанијата да навлезе на високо регулирани пазари и претставува стратешки настан со долгорочна тежина“.

    Во наредниот период компанијата ќе остане фокусирана на проширување на присуството на меѓународните пазари, развој на нови производи, изградба на нов производствен погон за полуцврсти и течни фармацевтски форми, нови меѓународни регистрации и дигитализација на деловните процеси.

    Од Реплек оценуваат дека промените во глобалните синџири на снабдување повеќе не се краткорочен феномен, туку нова реалност на меѓународното работење.

    Од компанијата очекуваат домашниот пазар и понатаму да остане главен двигател на растот, потпомогнат од новите производи, инвестициите и проширувањето на присуството на високо регулираните пазари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично