Фирмите што имаат планови за развој, за нов инвестициски циклус, размислуваат за генерациска трансформација на сопственоста или сакаат да добијат професионална проценка за својата подготвеност за настап на пазарот на капитал – се тарегетирани во јавниот повик на Македонска берза.
Стратешката соработка меѓу Македонска берза и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е насочена кон поттикнување на успешните домашни компании да размислуваат за иницијална јавна понуда на акции (IPO) или за издавање корпоративни обврзници како алтернативен извор на финансирање. Проектот ќе го реализираат консултанти од PwC Северна Македонија и PwC Хрватска.
Во тие рамки ќе бидат избрани најмногу 10 домашни фирми. Избраните прво ќе поминат низ специјална дводневна лидерска академија наменета за сопствениците и врвниот менаџмент.
Програмата ќе опфати теми поврзани со функционирањето на пазарот на капитал, процесот на издавање хартии од вредност, очекувањата на инвеститорите, вреднувањето на компаниите, регулаторната усогласеност, односите со инвеститорите и техниките за претставување на компанијата пред потенцијални вложувачи.
Втората фаза предвидува индивидуална анализа на секоја избрана компанија. Консултантите ќе ја оценуваат финансиската состојба, корпоративното управување, транспарентноста, организациската структура и пазарното позиционирање.
По завршувањето на анализата, секоја компанија ќе добие извештај со проценка на нејзината подготвеност за евентуално идно издавање акции или обврзници, како и конкретни препораки за следните чекори.
Право на учество имаат компаниите со амбициозни развојни планови; кои планираат нов инвестициски циклус; размислуваат за генерациска сукцесија преку акционерство; не ја исклучуваат можноста за финансирање преку пазарот на капитал; сакаат да го подобрат корпоративното управување; имаат интерес за независна професионална проценка пред носење важни финансиски одлуки.
Во процесот на селекција ќе се применуваат и критериумите на ЕБОР. Компаниите треба да имаат приходи до 50 милиони евра, актива до 43 милиони евра и до 500 вработени. Дополнително, треба да бидат во мнозинска приватна сопственост на домашни државјани и да не работат во исклучените сектори како што се одбраната, тутунската индустрија, забранетите супстанции и самостојните објекти за коцкање.
Најголемиот дел од трошоците ќе бидат покриени од ЕБОР. Банката ќе финансира меѓу 60 и 70 проценти од проектот, додека избраните компании ќе треба да обезбедат кофинансирање од 30 до 40 проценти. Сепак, вкупниот трошок за една компанија нема да надмине 4.000 евра.
Учесниците ќе добијат професионална проценка на својата подготвеност за излез на берза, рамковна проценка на пазарната вредност на компанијата, насоки за подобрување на работењето и директен пристап до реномирани финансиски експерти.
Од Македонска берза најавуваат дека компаниите кои по завршувањето на проектот ќе донесат конкретна одлука за издавање акции или обврзници ќе можат да бидат вклучени и во нова програма за дополнителна грант-поддршка и техничка помош за реализација на IPO.
Заинтересираните компании треба да достават тековна состојба, последна завршна сметка, краток профил, финансиски податоци, опис на развојните планови и образложение за интересот за учество.
Апликациите се испраќаат на адресата [email protected], а крајниот рок за пријавување е 1 септември.
Аналитика








