
Според владејачката партија, бројот на вработени е зголемен за над 15.000 лица, а со Оперативниот план за вработување за 2026 година се предвидени мерки за повеќе од 10.000 граѓани.
Стапката на невработеност во Македонија е намалена на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност достигнала 46,5 проценти, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика.
Според партијата, невработеноста е намалена од 12,5 на 11,3 проценти, додека вработеноста е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.
Во соопштението се наведува дека во првиот квартал од 2026 година во земјава биле евидентирани 707.385 вработени лица, што е за околу 15.600 повеќе во споредба со второто тримесечје од 2024 година, кога бројот на вработени изнесувал 691.736 лица.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека позитивните движења на пазарот на труд се резултат на мерките за поддршка на домашните компании, привлекување инвестиции и политиките насочени кон отворање нови работни места.
Во таа насока, посочуваат дека Оперативниот план за вработување за 2026 година е вреден речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица. Од вкупниот износ, над 32 милиони евра се наменети за активни мерки за вработување и за отворање нови работни места.
Една од клучните мерки е поддршката за самовработување и претприемништво, преку која се очекува отворање на повеќе од 2.000 нови работни места. Според податоците наведени во соопштението, во рамки на Оперативниот план за 2025 година биле основани повеќе од 2.200 нови правни субјекти.
Посебен акцент е ставен на младите. Со програмата за 2026 година е предвидено вклучување на речиси 6.000 лица до 29-годишна возраст во мерки за вработување, обуки и професионален развој.
Дополнително, младински додаток од 3.000 денари месечно ќе добиваат околу 3.500 млади до 23 години кои работат во производствени капацитети, со цел да се поттикне нивното вработување и задржување на домашниот пазар на труд.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат посветени на политики насочени кон отворање нови работни места, поддршка на претприемништвото и јакнење на домашната економија.
Аналитика








