ПОВЕЌЕ

    НБРМ одлучи: капиталната заштита за банките останува 2 насто

    Време зa читање: 3 минути

    Нема потреба од дополнително заострување на мерките за заштита на банкарскиот систем, смета Народната банка. И покрај солидниот раст на кредитирањето, оценката е дека банките остануваат стабилни, добро капитализирани и ликвидни, па стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане непроменета на 2 проценти и во третото тримесечје од 2027 година.

    Одлуката ја донесе Извршниот одбор на Народната банка по редовната квартална оцена на системските ризици, врз основа на податоците заклучно со првиот квартал од 2026 година.

    „Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава останува на истото ниво од 2 %. Оваа стапка ќе важи од третото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем“, соопшти Народната банка.

    Оттаму посочуваат дека на кредитниот пазар и натаму има солидна кредитна активност, но банкарскиот систем ја задржува стабилноста и отпорноста на евентуални шокови.

    „Тоа е видливо и преку ниската стапка на нефункционални кредити, којашто и натаму опаѓа, и преку солидната профитабилност“, наведува централната банка.

    Според Народната банка, одлуката е поддржана и од построгите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка, кои се применуваат од крајот на минатата година.

    „Во првото тримесечје од 2026 година се забележуваат првичните влијанија преку подобрата структура на новите кредити од аспект на кредитните стандарди применети од страна на банките. Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор“, се наведува во соопштението.

    Од Народната банка додаваат дека и понатаму квартално ќе ги следат ризиците во финансискиот систем и, доколку е потребно, ќе ја преиспитуваат висината на оваа стапка.

    Противцикличниот заштитен слој на капиталот е еден од механизмите со кои Народната банка ја зајакнува отпорноста на банкарскиот систем во периоди на засилена кредитна активност. Мерката е воведена со одлука донесена во јули 2022 година, а почна да се применува од 1 август 2023 година со почетна стапка од 0,5 проценти.

    Станува збор за дополнителна капитална резерва што банките треба да ја обезбедат кога кредитирањето расте побрзо и кога се зголемува ризикот од натрупување финансиски нерамнотежи. Практично, во услови на висок кредитен раст, Народната банка може да побара од банките да издвојуваат повеќе капитал како заштитен слој за идни ризици.

    Од друга страна, кога кредитниот циклус слабее или економијата се соочува со поголеми предизвици, оваа стапка може да се намали или целосно да се отстрани, со што банките добиваат дополнителен простор за кредитна поддршка на економијата. Целта е банкарскиот систем да создава резерви во добри времиња, а да ги користи кога условите ќе се влошат.

    Оваа мерка е дел од поширокиот сет макропрудентни инструменти со кои Народната банка настојува да ја зачува финансиската стабилност и да спречи прекумерно задолжување во периоди на силен кредитен раст.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично