
Рекордер според бројот на вработени, со 5.277 работници, е Друштвото за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила ДММ Дрекслмајер Мануфактуринг Македонија ДООЕЛ увоз-извоз. Таму просечната нето-плата е 34.639 денари. Но, највисокиот просек меѓу големите работодавачи го има Друштвото за компјутерски услуги Нетцетера ДООЕЛ експорт-импорт Скопје – 143.659 денари за 403 вработени.
Ова е уште една потврда дека информатичкиот сектор и натаму нуди највисоки примања, независно од бројот на вработените, додека во трудоинтензивните компании со едноставни производствени процеси платите и натаму остануваат под државниот просек, кој во 2025 година изнесуваше 45.198 денари.
Ова го покажува анализата на „Пари“ изработена со податоците од Бизнис Мрежа, во рамките на серијалот „100 најголеми во 2025 година“, чија цел е што пореално да ја прикаже состојбата во македонската економија.
Платите и натаму ја брануваат јавноста. Ниските приходи во изминатите години придонесоа за силен бран иселувања, а во фокусот повторно се и профитите на компаниите. Стопанствениците велат дека продуктивноста е ниска и дека дел од работниците не го оправдуваат заработеното. Работниците, пак, често реагираат дека работат многу повеќе отколку што се платени.
САМО ПЕТ КОМПАНИИ СО МЕСЕЧЕН ПРОСЕК ОД НАД 100.000 ДЕНАРИ
Сепак, меѓу 100-те најголеми работодавачи има пет компании каде што просечната плата надминува 100.000 денари. Сите се од информатичкиот сектор, освен американско-турскиот конзорциум Бехтел-Енка, кој ги гради автопатите на коридорите 8 и 10-д.

Извор: Бизнис Мрежа
ИМА ФИРМИ ВО КОИ НЕ СЕ ДОСТИГНУВА НИТУ МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
Од другата страна на медалот, меѓу најголемите работодавачи има и компании во коишто просечната нето-плата не достигнува ниту до нивото на минималната плата, која во 2025 година изнесуваше 24.379 денари.
Исплатата на плата под нивото на минималната за полно работно време е спротивна на законот. Освен тоа, минималната плата е основицата на која се додаваат минат труд, прекувремена работа, работа во недела и празници. Затоа, просечните нето-плати под законскиот минимум треба да бидат предмет на контрола од Државниот инспекторат за труд, особено кога станува збор за компании што се меѓу најголемите работодавачи во државата. Ако, пак, во некоја компанија се работи под 8 часа дневно, тогаш просекот може да биде понизок од законската минимална плата.
Друштвото за спортски активности и обезбедување ОСА Бранко има просечна нето-плата од само 544 денари. Под законскиот минимум е и просечната плата во Телекабел. Ниски се и платите на работниците ангажирани на автопатот Кичево – Охрид преку кинеската компанија Синохидро. Под просекот е и платата во компанијата за чистење Серта, додека речиси идентична со минималната е просечната нето-плата во ВИК Македонија од село Алинци, Прилепско.
Извор: Бизнис Мрежа
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
ДРЕКСЛМАЈЕР ОСТАНУВА НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ, а само 20 фирми имаат над 1.000 вработени
Аналитика








