
Од 6 до 8 јуни во Ротердам, Холандија, се одржа еден од најпрестижните светски конгреси во областа на анестезиологијата и интензивната нега – Euroanaesthesia 2026, годишен конгрес во организација на Европското здружение за анестезиологија и интензивна нега (ESAIC). На овој конгрес, кој секоја година обединува илјадници здравствени професионалци, истражувачи и експерти од повеќе од 100 земји, учествуваа и доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
На конгресот присуствуваа: прим. д-р мед. науки Бети Костадиновска-Јорданоска и д-р Александар Радоешки, специјалисти по анестезиологија со интензивно лекување од Одделот за кардиохирургија, како и д-р Весна Поп-Стефанија-Чорбева и д-р Азра Куч, специјалисти по анестезиологија со интензивно лекување од Одделот за анестезиологија.
Со активно учество и презентација на научни трудови се истакнаа: прим. д-р Бети Костадиновска-Јорданоска, д-р Александар Радоешки и д-р Весна Поп-Стефанија-Чорбева, чии апстракти беа прифатени во официјалната научна програма на конгресот.
Прим. д-р Бети Костадиновска-Јорданоска го презентираше трудот под наслов: „Прецизна миокардна заштита: есмолол како бета-1 селективна стратегија за превенција на исхемиско-реперфузиска повреда при аортокоронарен бајпас“, во кој се обработуваат современи пристапи за заштита на срцевиот мускул при кардиохируршки интервенции.
Д-р Весна Поп-Стефанија-Чорбева се претстави со трудот: „Ултрасонографска проценка на индексот на колапсибилност на долната шуплива вена како предиктор за постспинална хипотензија при царски рез“, посветен на унапредување на безбедноста и предвидувањето на хемодинамските промени кај родилките.
Д-р Александар Радоешки учествуваше со трудот: „Акутно бубрежно оштетување по кардиохируршка интервенција кај пациенти без анемија и без хронична бубрежна болест: инциденца, ризик-фактори и краткорочни исходи – студија од еден центар“, кој ги анализира ризиците и исходите од една од најчестите компликации по кардиохируршките зафати.
Учеството на докторите од „Аџибадем Систина“ на овој реномиран меѓународен настан претставува уште една потврда за нивната посветеност на континуирана едукација, научноистражувачка работа и следење на најновите достигнувања во современата анестезиологија и интензивна медицина.
Аналитика








