ПОВЕЌЕ

    Димитриеска-Кочоска: Капиталните расходи нема да се кратат, фискалната консолидација продолжува

    Време зa читање: 3 минути

    Капиталните инвестиции нема да бидат жртва на фискалната консолидација. Напротив, според најавите од Министерството за финансии, ставката за капитални расходи во Буџетот за оваа година не се очекува да се намали, а можно е и нејзино зголемување. Истовремено, Владата останува на определбата за постепено намалување на буџетскиот дефицит и продолжување на фискалната консолидација.

    Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, посочувајќи дека досегашната реализација на капиталните расходи покажува позитивна динамика.

    „Имаме одреден напредок во распределбата и реализацијата во рамките на ставката капитални расходи. Во овој момент не се очекуваат намалувања на капиталните инвестиции, напротив, таму може да има само зголемувања. Барем досегашните бројки го покажуваат тоа“, истакна министерката.

    Според неа, сигурно е дека ќе има дополнување на Програмата АА, односно програмата за финансирање на општините. Таа најави и одредени пренамени во рамките на буџетските ставки меѓу различни буџетски корисници.

    Причината, како што објасни Димитриеска-Кочоска, е тоа што министерствата кои во изминатиот период комуницирале и реализирале проекти со општините пријавиле висок процент на реализација. Токму тоа, според неа, е една од причините за повисокиот степен на реализација на капиталните расходи во овој период.

    „Средствата ќе бидат насочени кон проекти што општините успешно ги реализираат и за кои има реална потреба од дополнителна поддршка“, рече министерката.

    Таа нагласи дека станува збор за проекти кои се важни за граѓаните, бидејќи директно влијаат врз квалитетот на животот и обезбедуваат подобри услови за живеење.

    Во своето гостување, Димитриеска-Кочоска посочи дека особено значајно е тоа што фискална консолидација се спроведува во услови кога големите инфраструктурни проекти се реализираат со забрзана динамика и кога има сериозна реализација на капиталните расходи.

    Според министерката, буџетскиот дефицит се намалува етапно — од 4,2 проценти, на 4 проценти, а сега на 3,5 проценти. Таа додаде дека ваквиот правец е поздравен и од страна на ММФ.

    „Најдобар показател дека имаме фискална консолидација е примарното буџетско салдо. Тоа е најдобар показател дека, и покрај зголемените каматни трошоци и инвестициите што се реализираат, буџетската политика се движи во насока на постепено намалување на фискалните нерамнотежи“, рече Димитриеска-Кочоска.

    Министерката нагласи дека фискалната консолидација не може да се спроведе преку ноќ, туку мора да се одвива постепено и внимателно.

    „Ние се обврзавме и чекориме кон фискална консолидација, но преку ноќ никој не успеал во тоа. Сето тоа треба да оди етапно, затоа што одредени консолидирања на расходната страна треба да подразбира дека вие на одредени граѓани, ако нешто им скратите, треба да им понудите нешто ново“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

    Пораката од Министерството за финансии е дека капиталните инвестиции остануваат приоритет, особено проектите на локално ниво, додека буџетската политика ќе продолжи да се движи во насока на постепено намалување на дефицитот и стабилизирање на јавните финансии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично