ПОВЕЌЕ

    ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА И ВИДЕОЛОТАРИЈА СО ПРИХОД ОД 129,6 МИЛИОНИ ЕВРА: Каде одат парите?

    Време зa читање: 4 минути

    Низ историјата, државите често ги користеле лотариите како еден вид доброволен данок. Може да се најдат записи и дека Кинескиот ѕид делумно се финансирал со пари од одредени игри. Историчарите најчесто сметаат дека првите „модерни“ јавни лотарии – со купување тикети и парични награди – се појавиле во 15 век во денешна Белгија и Холандија. Но, ако зборуваме за систем што наликува на денешните државни лотарии, тогаш се посочува 1476 година, кога во Модена, Италија, била организирана јавна лотарија што често се смета за прва европска државна лотарија со парични награди.

    И Македонија има долга традиција на државно организирани игри на среќа. Во поранешна Југославија тие функционираа во рамките на федералниот систем, а по осамостојувањето се отвори простор за формирање сопствен државен модел.

    На 29 декември 2008 година е основано друштвото под име Државна лотарија на Македонија, АД Скопје. По него, во согласност со новите електронски трендови, на 23 јануари 2014 година се формира Државната видеолотарија, односно Друштвото за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје. Од самиот назив е јасно дека во видеолотаријата државата има партнер, а тоа е австрискиот ветеран Касинос Аустриа.

    Анализата на Пари покажува дека приходот на класичната и на видеолотаријата минатата година бил 129,6 милиони евра. Толку пари граѓаните потрошиле за да ја испробаат својата среќа преку лото, грепки, видеолотариски игри и други игри на среќа.

    Откако ги исплатиле добивките и ги подмириле трошоците за работење, овие две друштва направиле заедничка нето-добивка од 14,6 милиони евра.

    ВО ДРЖАВНАТА ЛОТАРИЈА СЕКОЈА ГОДИНА ИМА ПОВЕЌЕ ПАРИ

    Државната лотарија, според податоците од Бизнис мрежа, секоја година има сè поголеми приходи од приредените игри на среќа. Така, во 2021 година, приходот изнесувал 10,3 милиони евра, а лани достигнал 46,8 милиони евра.

    Паралелно се зголемувале и добивките, од 5,8 милиони евра во 2021 година на 11,8 милиони во 2025 година.

    Извор: Бизнис мрежа

    Според Државната лотарија, овие пари се употребуваат за подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните.

    „Државна лотарија е современо акционерско друштво за одговорно приредување игри на среќа за граѓаните на територија на Република Северна Македонија. Компанијата е во државна сопственост, основана според успешни примери и искуства од европските и светските државни лотарии, со цел континуиран придонес во републичкиот буџет за инвестирање во општествено корисни цели. Државната лотарија активно придонесува во збогатување на содржините и подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните на нашата земја“, пишува на официјалната страница на Лотаријата.

    Сепак, во последниот извештај од Државниот завод за ревизија, кој се однесува на 2024 година, утврдени се сериозни неправилности што се поврзани со нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи. Поради тоа, Државниот завод изрази сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки.

    КОЛКУ ПАРИ ОД ДРЖАВНАТА ВИДЕОЛОТАРИЈА ОДАТ ВО МАКЕДОНСКАТА КАСА?

    Според податоците, граѓаните повеќе биле заинтересирани за видеолотарија. Така, ланскиот приход бил 82,8 милиони евра, што е 76,9 насто повеќе отколку што собрала класичната лотарија со лото и други игри на среќа.

    Но, Државната видеолотарија остварила помала добивка од класичната (11,8 милиони евра) и таа изнесувала 5,9 милиони евра.

    Државната видеолотарија не е сама, таа има сопственички партнер, а тоа е Касинос Аустриа Интернационал Македонија, па дел од парите се одлеваат и во нејзината каса.

    Во изминативе 5 години, вкупниот приход што се слеал во Државната видеолотарија е 407 милиони евра, а остварената вкупна нето-добивка за овој период изнесува 79,7 милиони евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    Како сопственик во Државната видеолотарија, Касинос Аустриа Интернационал Македонија има и своја посебна сметка. Според неа, приходот во 2025 година бил 9,8 милиони евра, а нето-добивката изнесувала 8,7 милиони евра.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично