Од ноќеска на полноќ стапуваат во сила нови цени на горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 отсто.
Најголемата промена ќе ја почувствуваат возачите кои за своите возила купуваат бензин. Цените на бензините Еуросупер БС-95 и на Еуросупер БС-98 се намалуваат за два денари по литар. Од друга страна, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство поскапуваат за 1,5 денар по литар.

Според одлуката на РКЕ, од 9 јуни ќе важат следните максимални цени: Еуросупер БС-95 – 86 денари за литар; еуросупер БС-98 – 88 денари за литар; Еуродизел БС (Д-Е V) – 87 денари за литар; екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 89 денари за литар; мазут М-1 НС – 47,297 денари за килограм.
Цената на мазутот се намалува за 0,609 денари по килограм.
Од РКЕ посочуваат дека промените се резултат на движењата на референтните цени на светските пазари. Во споредба со претходната пресметка, цените на бензините бележат намалување од 3,175 отсто, додека кај дизелот има раст од 3,367 насто. Зголемување од 2,386 насто е регистрирано и кај екстра лесното масло, а мазутот поевтинил за 1,488 отсто.
Регулаторот потсетува дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, односно трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени од утврдените.
Аналитика








