Драстично намалување на приходот и премин во црвената зона на загубата се случиле минатата година во македонската канцеларија на Мајкрософт. Компанијата Микрософт ДООЕЛ Скопје, регистрирана за останати дејности поврзани со информатичката технологија, бележи значително влошување на финансиските резултати, најлоши во изминатиот петгодишен период.
По континуираниот раст и постигнатото ниво на релативно стабилна профитабилност, компанијата лани се соочила со пад на приходот, загуба наместо добивка и значително намален тим. Со минусен предзнак се сите сегменти од работењето, покажуваа анализата на порталот Пари согласно податоците од Бизнис Мрежа. Процентите се високи, а единствената поволност во сиот контекст е падот во сферата на трошоците, при што и стапката е најниска (– 20,85 %).
На приходната страна, каде што дотогаш биле регистрирани исклучиво нагорни движења, од 976,7 илјади евра (2021 година) до 1,3 милиони евра (2024 година), лани како да откажал хардверот. Приливите се намалиле за речиси 55 насто, а сумата од 614,4 илјади е и најниската постигната во последните пет години.
И, наместо со добивка, компанијата завршува со загуба од 186,5 илјади евра, што е целосен расчекор во однос на претходната 2024 година, која завршила со профит од речиси 286 илјади евра. Годишната промена е означена со минус 165,25 насто.

Извор: Бизнис Мрежа
Тој тренд не ја одминал ниту кадровската структура. Бројноста на тимот се намалила од четворица во 2024 година на само еден вработен лани. Изразено во проценти, се работи за намалување од 75 насто. Во годините пред тоа, компанијата се потпирала на петмина со официјален ангажман.
Би се очекувало ваквата промена да рефлектира зголемување на месечните примања. Но, не е така. Просечната плата е речиси преполовена – од 4.500 евра на 2.400 евра. Во таа ставка е запишан пад од 46,58 насто.
Мајкрософт Скопје на пазарот дејствува од 2004 година, а ги покрива и активностите на Косово. Дел е од глобалниот технолошки гигант Microsoft Corporation. Во однос на ланските локални резултати, тие отвораат прашања – дали станува збор за некаков времен финансиски шок, за структурна промена или, пак, за редефинирање на улогата на регионалната канцеларија?

М.А.
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








