
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати серија обвинувања кон СДСМ, тврдејќи дека партијата во периодот кога била на власт ги користела институциите за „местење тендери, корупција и лични финансиски придобивки“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, според нив, СДСМ не работела за подобрување на животниот стандард на граѓаните, ниту за развој на економијата, туку државните институции ги третирала како „банкомат од кој парите завршувале во приватни џебови“.
Во соопштението посебно се осврнуваат на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, за кого тврдат дека примил мито од 2.000 евра за да влијае врз постапка за тендер за одржување на хигиената на граничните премини и терминалите, вреден 18 милиони денари.
Според ВМРО-ДПМНЕ, оваа сума не била единствената што требало да ја добие Богоев, туку претставувала само прва исплата од повеќе договорени транши.
Партијата тврди дека договарањето на наводното мито било реализирано преку директна комуникација меѓу Богоев и Александар Спирковски – Џемо, преку апликацијата „Вибер“.
Во соопштението се наведува дека Спирковски, како помошник директор, ја застапувал фирмата која го добила тендерот и дека една од исплатите кои требало да му бидат извршени на Богоев изнесувала повеќе од 110 илјади денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат јавноста да добие одговор колкава била вкупната сума што, според нивните тврдења, требало да ја добие поранешниот директор на Царинската управа за доделувањето на тендерот.
Во продолжение на соопштението, владејачката партија упатува и критики кон СДСМ, оценувајќи дека „криминалната матрица, аферите, скандалите и корупцијата“ остануваат препознатлив белег на партијата.
Аналитика








