ПОВЕЌЕ

    Ротари Клуб Скопје – ИКС отвори дебата за вештачката интелигенција и училиштата на иднината

    Време зa читање: 3 минути

    Во организација на Ротари Клуб Скопје – ИКС се одржа јавната панел дискусија „Што не учат децата, а треба? – Вештачката интелигенција и иднината на образованието“, која отвори важни прашања за подготвеноста на образовниот систем за дигиталната ера и брзиот развој на вештачката интелигенција.

    На панелот, кој го модерираше Димитар Грозданов (Ротари Клуб Скопје – ИКС ) учествуваа: Кирил Арсовски (Technical University of Munich), Гордана Јанакиевска (Биро за развој на образованието), Миодраг Цекиќ (Adopt Intelligence), Марија Календар (ФЕИТ) и Матилда Бајкова (ООУ „Вера Циривири-Трена“).

    Учесниците се согласија дека иднината на образованието не зависи само од воведувањето нови технологии, туку пред сè од развивањето на критичко размислување, способност за решавање проблеми и одговорно користење на дигиталните алатки.

    „Не ни недостасува технологија, ни недостасува јасна стратегија како да ја користиме таа технологија. Критичкото и дигиталното размислување не се додаток, тие се основа“, истакна Гордана Јанакиевска, нагласувајќи дека без промени во наставните програми не може да се очекуваат ниту поинакви образовни резултати.

    Посебен акцент беше ставен на потребата младите да научат како да размислуваат и да поставуваат прашања во време кога одговорите се достапни со еден клик.

    „Проблемот не е дали ќе воведеме вештачка интелигенција во образовниот процес, туку дали знаеме како да размислуваме заедно со неа. Ако не учиме како да поставуваме прашања, вештачката интелигенција ќе ни дава одговори што не ги разбираме“, порача Кирил Арсовски.

    Од аспект на пазарот на трудот и идните професии, Миодраг Цекиќ потенцираше дека образованието мора да се насочи кон развој на практични и аналитички вештини.

    „Не ни требаат повеќе луѓе што меморираат, ни требаат луѓе што решаваат проблеми. Вештачката интелигенција нема да ве замени, но некој што знае да ја користи – ќе ве замени“, истакна Цекиќ.

    Марија Календар посочи дека методологијата на учење е поважна од самата технологија, додека Матилда Бајкова нагласи дека улогата на наставникот станува уште поважна во време кога учениците имаат пристап до сè повеќе дигитални алатки.

    Во рамки на настанот беше претставена и иницијативата на Ротари Клуб Скопје – ИКС за развој на дигитални образовни содржини, како дел од напорите за модернизација на образованието и подобра подготовка на младите за идните предизвици.

    Панелот испрати јасна порака дека во време на брзи технолошки промени, најважните вештини што образованието треба да ги развива се критичкото размислување, љубопитноста, способноста за решавање проблеми и одговорното користење на вештачката интелигенција.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично