Македонскиот ИКТ сектор е еден од најсилните двигатели на економскиот раст, со вкупни приходи од 1,77 милијарди евра и извоз од 676 милиони евра во 2025 година, покажуваат податоците презентирани на првиот македонско-грчки „Digital Bridge & Business ICT Forum“, организиран од МАСИТ и грчката асоцијација SETPE.
Според анализата на МАСИТ за состојбите во македонската ИКТ индустрија, презентирана од членот на Управниот одбор, Дамјан Манчевски, секторот бележи раст од 7,02 насто кај приходите и 7,13 насто кај извозот во однос на претходната година. Во индустријата работат 24.134 вработени во 3.367 активни компании.
Особено значаен е долгорочниот тренд на раст. Во периодот од 2020 до 2025 година приходите се зголемиле за 80 насто – од 985 милиони на 1,77 милијарди евра. Извозот пораснал за 193 насто, од 231 милион на 676 милиони евра. Во истиот период бројот на вработените е зголемен за 44 насто, а бројот на компаниите за 42 насто.
Од МАСИТ оценуваат дека ИКТ секторот е клучен носител на економскиот развој.
„Овие бројки потврдуваат дека ИКТ секторот одамна не е само една од перспективните индустрии во земјата, туку еден од клучните носители на економскиот развој, извозот и висококвалификуваните работни места. Растот што го гледаме во изминатите години е резултат на континуирани инвестиции во луѓе, знаење и иновации, но и доказ дека македонските компании успешно се натпреваруваат на меѓународните пазари“, нагласи претседателот на МАСИТ, Јордан Димитриевски.
Од анализата произлегол и податокот дека секторот учествува со околу 4,5 отсто во БДП и расте речиси двојно побрзо од вкупната економија – 7,4 насто наспроти 3,8 насто.
Аналитика








