Со придонес од околу 7.000 работни места и учество од 1,4 проценти во бруто домашниот производ, ТИТАН Усје се позиционира како еден од поважните чинители во македонската економија, покажува независната социо-економска студија изработена од консултантската куќа Ernst & Young.
Според анализата, вкупното економско влијание на компанијата лани надминало 10,3 милијарди денари, преку комбинација од деловни активности, плати и даночни плаќања. Од нив, 515 милиони денари се слеале директно во државниот буџет, додека дополнителни приливи се генерирани преку пошироката мрежа на добавувачи, дистрибутери и градежни партнери.
Компанијата обезбедува 249 директни работни места, но преку синџирот на соработка со добавувачи и клиентите генерира уште околу 6.700 индиректни работни места, што претставува приближно 1 процент од вкупната вработеност во земјата.
Студијата опфаќа детална економска анализа на директните, индиректните и индуцираните ефекти од работењето на компанијата и ја истакнува нејзината улога како еден од стабилните индустриски столбови на домашната економија.
Титан Усје е присутен на македонскиот пазар повеќе од седум децении, со значајна улога во инфраструктурниот развој. Производите на компанијата се вградени во бројни објекти – од патишта и мостови до училишта, болници и станбени објекти, што ја позиционира како важен дел од градежниот и развоен циклус на државата.

„Грижата за луѓето и заедницата е основен код на нашата визија. Луѓето и заедницата се база за економски раст и одржливост. Ние во нашето работење се водиме од овие вредности, бидејќи економскиот раст има смисла само доколку носи придобивки за луѓето и за заедницата во целина. Горди сме што оваа студија потврдува дека нашето влијание се протега многу пошироко од нашето директно работење, поддржувајќи компании, работни места и заедницата во поширока смисла. Остануваме посветени на создавање долгорочна вредност преку одговорно работење, инвестиции, иновации и одржлив развој“, изјави главниот извршен директор на Титан Усје, Константинос Николаоу.
Поддршка за наодите даде и Стопанската комора, чиј претседател Бранко Азески оцени дека компанијата има значаен и долгорочен придонес за економскиот развој и дека ваквите студии помагаат во отворање на аргументиран дијалог за улогата на големите индустриски системи во државата.
„Стопанската комора и јас лично како претседател, секогаш се залагаме за поддршка на компаниите кои делуваат во функција на општествено економски развој. Особено кога станува збор за компании со повеќе децениска традиција како Титан Усје кој веќе одбележа 70 години постоење во државата и има значителен придонес за одржлив развој. Студијата која е презентирана во куќата на бизнисот дава јасен сигнал дека компанијата има интерес да делува, притоа почитувајќи ги општествените норми и одржливиот развој, а Комората е секогаш тука да помогне во отворање конструктивен дијалог за фактите и аргументите“, нагласи Азески.
Покрај економските ефекти, студијата ги нагласува и инвестициите во заедницата, кои од 2021 до 2025 година надминале 103 милиони денари. Само лани биле вложени околу 30 милиони денари во образовни, еколошки и општествени иницијативи, со кои биле опфатени над 37.000 граѓани.
Особено се издвојува едукативниот центар „Иноваториум“, преку кој повеќе од 500 ученици стекнале знаења од роботика, 3D моделирање и инженерство. Дополнително, преку партнерства со училишта и градинки во Кисела Вода и Аеродром, од 2010 година се инвестирани над еден милион евра во образовната инфраструктура и условите за над 8.000 деца.
Студијата ја потврдува и високата еколошка усогласеност на компанијата, која е носител на Platinum Zero Waste to Landfill сертификат – прва таква во земјата.
Методологијата на анализата се базира на input-output модел и податоци од Државниот завод за статистика и меѓународни економски стандарди.
Аналитика








