ПОВЕЌЕ

    Македонија во европската економска елита: петта по раст на БДП според Евростат

    Време зa читање: 3 минути

    Македонската економија и во првиот квартал од годинава останува во групата на европски земји со највисоки стапки на економски раст. Премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на најновите податоци на Евростат и на Државниот завод за статистика, оцени дека земјата бележи континуирано позитивни резултати во повеќе сегменти – од бруто домашниот производ, преку индустриското производство, до состојбите на пазарот на труд.

    Според него, официјалните европски статистички податоци ја позиционираат Македонија меѓу водечките економии на континентот по динамиката на раст.

    „Ова не го вели Владата, туку Евростат. Според Евростат, ние сме на петтото место споредено со државите за кои е објавен растот, веднаш зад Данска, Малта, Полска и Србија. На другата табела се наоѓа остварениот резултат кога станува збор за раст на бруто домашниот производ, но практично се усогласени параметри. И тука се Данска, Малта и Полска, па ние, па Србија. Така што, ако се анализираат двете табели на Евростат, ќе дојдеме до заклучок дека седми квартал по ред остваруваме раст на бруто домашниот производ“, изјави Мицкоски.

    Тој нагласи дека ваквите резултати се постигнуваат во услови на предизвикувачко економско окружување и покрај растечките трошоци со кои се соочуваат граѓаните и компаниите. Или, како што нагласи Мицкоски, тој е „целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности“.

    Покрај растот на БДП, премиерот се осврна и на движењата во индустријата. Според податоците на статистиката, индустриското производство во април било за 7,6 проценти повисоко во споредба со истиот месец лани.

    „Во првата третина од 2026, како ретко која држава во Европа, имаме индустриско производство што е во позитива. Мала, од 0,2 проценти, но не е во негатива, во услови на епски најголемата енергетска криза во светот“, рече Мицкоски.

    Владата позитивно ги оценува и движењата на пазарот на труд. Според презентираните податоци, во последните 21 месец бројот на вработени е зголемен за околу 16 илјади лица, додека стапката на невработеност е намалена од 12,5 на 11,7 проценти.

    Од Владата оценуваат дека економските показатели упатуваат на продолжување на позитивните трендови, додека предизвик останува тие резултати во поголема мера да се почувствуваат и во животниот стандард на граѓаните.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично