ПОВЕЌЕ

    ОФИ: 3,2 милијарди евра кај пензиските фондови, финансиските друштва со раст од 35,7 насто

    Време зa читање: 3 минути

    Со вкупни средства од 313,2 милијарди денари или околу 5,1 милијарда евра, останатите финансиски институции (ОФИ) бележат раст и во првиот годинешен квартал. Во споредба со крајот на минатата година, средствата се зголемени за 12,7 милијарди денари (205,8 милиони евра), односно за 4,2 насто, додека годишниот раст достигнува 17,8 насто. Учеството на ОФИ во вкупните средства на финансискиот систем е 22,5 отсто.

    Најголем дел од средствата, според податоците на Народната банка, и натаму се концентрирани кај пензиските фондови, со учество од 63,3 отсто, додека осигурителните друштва имаат удел од 14,1 отсто. Позитивни движења се регистрирани кај сите потсектори.

    Во структурата на средствата доминираат вложувањата во должнички хартии од вредност со учество од 50,5 отсто, како и сопственичките хартии од вредност со 26,7 отсто. На страната на обврските, најголемо учество имаат техничките резерви на осигурувањето – 51,2 отсто, како и капиталните сметки со 38 отсто.

    Растот на средствата главно произлегува од зголемените вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност, а дополнителен придонес имаат и побарувањата по основ на кредити.

    Најголемиот сегмент во рамките на ОФИ со 3,22 милијарди евра се пензиските фондови. Доверените средства како инвестиција во безбедна пензионерска иднина, во првото тримесечје се зголемиле за 2,4 насто, а годишно за 16,6 насто. Притоа, се посочува дека растот е резултат, пред сè, на повисоките вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност, во услови на намалени валути и депозити.

    Осигурителните друштва, пак, по претходниот минимален квартален пад, повторно регистрираат зголемување. Средствата се повисоки за 3,9 насто на тримесечна и за 16,6 насто на годишна основа. Позитивното движење, главно произлезено од повисоките техничките резерви, како и од поголемите вложувања во хартии од вредност, довело до износ од 716,42 милиони евра.

    Позитивни се сигналите и кај инвестициските фондови. Во текот на првите три месеци од годинава, средствата со кои располагаат се зголемиле за 5,5 насто, годишната промена е 29,7 насто, а достигната е сума од 515,4 милиони евра. Тоа најмногу се должи на вложувањата во сопственички хартии од вредност и на растот на валутите и депозитите.

    Особено се изразени нагорните движења кај финансиските друштва – за 23,4 насто на квартално и за 35,7 насто годишно. Имаат 302,37 милиони евра. Главен двигател се кредитите, односно побарувањата што ги имаат по таа основа, од над 261 милион евра. За три месеци кредитната активност нараснала за 25,9 насто, а за една година – 37,5 насто.

    Кај друштвата за финансиски лизинг има фонд од 279,14 милиони евра. Растот е речиси петпроцентен на квартално, а на годишно ниво е плус 23,7 насто. Кредитите, како најзначаен инструмент, достигнуваат 13,04 милијарди денари и бележат годишен раст од 24,2 проценти. Кредитите на овој потсектор како главен инструмент на страната на средствата изнесуваат 212,1 милион евра.

    Друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови евидентираат квартален раст на средствата од 9,4 насто и годишен од 11 насто. Тоа се должи на повисоките валути и депозити, како и на вложувањата во должнички хартии од вредност. Овде средствата се во износ од 54,16 милиони евра.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично