Европската комисија одобри 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст. Тоа е највисок износ меѓу земјите од регионот во овој циклус на исплати. За споредба, за Албанија се одобрени 49 милиони евра, а за Црна Гора 44,2 милиони евра.
Веста ја објавија Европската комисија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој оцени дека станува збор за потврда на реформскиот напредок и институционалниот капацитет на државата.
„Ова е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од Планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, тоа претставува признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Од вкупно одобрените средства, 30,6 милиони евра ќе бидат уплатени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе биде насочен кон инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Средствата се одобрени по позитивната оценка на Европската комисија за реализираните реформски чекори, при што кај Македонија фокусот бил ставен на образованието и дигитализацијата.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос посочи дека Планот за раст носи конкретни придобивки за граѓаните од регионот. За Македонија, таа го издвои подобрувањето на пристапот до современа ИТ-опрема во училиштата.
Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен во 2023 година, со цел земјите од регионот постепено да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред полноправното членство во ЕУ. Предвидува поголема економска интеграција со единствениот европски пазар, продлабочување на реформите и зголемена финансиска поддршка.
Финансиската рамка на Инструментот за реформи и раст изнесува шест милијарди евра. Земјите од регионот се обврзани на секои шест месеци да доставуваат извештаи за спроведените реформи.
Аналитика








