ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНЦИТЕ ИМААТ СÈ ПОВЕЌЕ БАНКАРСКИ СМЕТКИ – Дали ги користат на шалтер или онлајн?

    Време зa читање: 5 минути


    Во време кога речиси секоја банкарска услуга може да се заврши онлајн со неколку клика, најновите податоци за платежните сметки во земјата го отвораат прашањето зошто, и покрај дигиталните можности, граѓаните и фирмите и понатаму трошат време и пари по банкарски шалтери? Бројките во оваа анализа покажуваат дека иако електронското банкарство е широко достапно, недоволно е користено.

    По неколку години пад и стагнација, бројот на платежни сметки на физички лица во земјата расте во 2024 и во 2025 година, покажуваат податоците од Народната банка на Македонија. Но, зад овој раст не следи и пропорционална промена во начинот на користење на банкарските услуги. Системот брои речиси 3,6 милиони платежни сметки на граѓани на крајот од 2025 година, но тие сметки сѐ уште најчесто значат физичко присуство во банка, чекање во ред на шалтер и повисоки провизии. За една година вкупниот број на платежни сметки на физички лица е зголемен речиси за 100.000, што претставува најголем годишен раст во последните пет години.

    Извор: НБРСМ

    Сѐ поголем број од новите платежни сметки се на име на жени, така што нивниот удел е зголемен за 44 насто. Во 2020 година, од вкупно 3,47 милиони платежни сметки на физички лица, 1,48 милиони биле на жени, а 1,99 милиони на мажи. Во 2025 година, бројот на сметки на жени во банките е зголемен на 1,58 милиони, а на мажите на 2 милиони. Ова е позитивен сигнал за финансиска инклузија, економско учество и финансиска независност на жените.

    Во споредба со земјите од Европската Унија, Македонија според бројот на сметки личи дека не заостанува во однос на финансиската инклузија на населението. Во ЕУ, над 97 насто од возрасното население има платежна сметка и затоа просторот за раст е минимален. Но, податокот дека во Македонија расте бројот на сметки покажува дека граѓаните преферираат да имаат сметки во повеќе банки или повеќе сметки во една банка. Во Европската Унија жените сочинуваат околу 49-50 насто од сопствениците на платежни сметки. Во Македонија овој просек е 44 насто.

    Но ова структурно поместување не е проследено и со прогресивно прифаќање на електронското банкарство. Новите корисници влегуваат во банкарскиот систем користејќи ги традиционалните канали, иако имаат на располагање современи дигитални алатки. Бројките покажуваат мал напредок. Од 3,6 милиони платежни сметки, само 1,67 милиони се регистрирани за увид преку електронско банкарство, а само 933.917 ја користат таа можност. Уште помали се бројките за регистрирани сметки за вршење трансакции преку електронско банкарство – 938.713 имаат таква можност, а ја користат едвај 371.248 граѓани.

    Извор: НБРСМ

    Притоа, жените се многу похрабри кога станува збор за влез во дигиталниот финансиски свет. Речиси една третина од нивните сметки е регистрирана за вршење онлајн платежни трансакции, а кај мажите е една четвртина, но кога станува збор за користење на оваа можност се горе-долу изедначени.

    Ако кај граѓаните дигитализацијата е бавна, кај правните лица таа е апсурдна. Вкупниот број на платежни сметки на фирми во 2025 година е зголемен на 190.216 од 177.585 во 2024 година, но бројот на сметки што активно вршат плаќања преку електронско банкарство е намален од 65.145 на 62.054. Бројот на сметки со активен увид преку електронско банкарство е зголемен од 96.634 на 100.024. Ова значи и дека само една третина од сметките на правни лица се користат за електронски банкарски трансакции, а само една половина за електронски увид на сметка. Ова за компаниите значи повеќе време изгубено на административни процедури, повеќе трошоци за трансакции и помала оперативна ефикасност.

    Извор: НБРСМ

    За разлика од македонските состојби, во Европската Унија сликата е сосем поразлична. Електронско банкарство користат 75 насто од имателите на платежна сметка, а во нордиските земји учеството оди и над 85 насто. Во ЕУ, електронскиот увид е дефакто стандард, над 70 насто од корисниците на електронско банкарство редовно ги проверуваат сметките дигитално, дури и во земјите со повисока употреба на готовина. Кај фирмите, пак, над 90 насто од малите и средните претпријатија во ЕУ користат електронско банкарство за плаќања и увид.

    Над половина од сите платежни сметки во земјава се концентрирани во десет општини. Лидер сѐ уште е Општина Центар со вкупно 571.324 платежни сметки во 2025 година, но бележи пад од речиси 170.000 сметки во однос на 2024 година. Најголем годишен раст, пак, на бројот на платежни сметки е регистриран во Општина Аеродром (+ 41.000), Општина Кисела Вода (+ 26.000) и во Куманово и Тетово (+ 24.000).

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично