Анализата е изработена врз основа на финансиските податоци објавени во рангирањето на 100 најголеми компании на специјализираниот економски портал Pari.com.mk, како и врз основа на дополнителни официјални финансиски извештаи на дел од енергетските компании и податоци од Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2025 година. Анализата покажува дека енергетскиот сектор и во 2025 година останува еден од најдоминантните сегменти на македонската економија. Вкупните приходи на анализираните енергетски компании достигнуваат околу 4,04 милијарди евра, што претставува благо зголемување во однос на 2024 година, кога приходите изнесувале околу 4,02 милијарди евра.
Учество на енергетскиот сектор во вкупните приходи на ТОП 100 компании
Податоците покажуваат дека речиси секое трето евро приход кај најголемите компании во државата доаѓа од енергетскиот сектор. Тоа јасно ја потврдува централната улога на енергетиката во македонската економија, особено во услови на растечка пазарна активност кај електричната енергија и сè поголема интеграција со регионалните пазари.
Иако учеството на енергетскиот сектор во вкупните приходи благо се намалува во 2025 година, тоа не е резултат на пад на секторот, туку пред сè на значително побрзиот раст на приходите кај дел од другите големи компании во економијата. Истовремено, структурата на самиот енергетски сектор суштински се менува. Додека во претходните години доминантен двигател беа нафтените деривати, во 2025 година најголем раст бележат компаниите поврзани со електрична енергија, особено трговците со струја, снабдувачите и компаниите поврзани со обновливи извори.
Електричната енергија го надминува нафтениот бизнис по вкупни приходи
Анализата на приходите на најголемите енергетски компании во Северна Македонија покажува дека 2025 година носи значајна структурна промена на домашниот енергетски пазар. За првпат, компаниите поврзани со електрична енергија генерираат поголеми вкупни приходи од компаниите од секторот на нафтени деривати и горива. Компаниите од секторот на електрична енергија во 2025 година остваруваат околу 2,32 милијарди евра приходи, што претставува раст од 7,4% во однос на 2024 година. Во исто време, приходите на компаниите од секторот на нафтени деривати се намалуваат за 7,3%, од околу 1,78 милијарди евра во 2024 година на околу 1,65 милијарди евра во 2025 година.


Растот на обновливите извори и трговијата со струја ја турка електричната енергија пред нафтата по приходи
Клучната причина за овој пресврт е значително поголемата активност на пазарот на електрична енергија. Според Годишниот извештај на РКЕ за 2025 година, тргувањето на организираниот пазар MEMO расте за 41%, додека учеството на отворениот пазар достигнува над 50% од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Истовремено, производството од фотонапонски електрани продолжува со силен раст и во 2025 година достигнува 1.180 GWh, што претставува зголемување од 27,77% во однос на 2024 година. За споредба, во 2016 година производството од сончеви електрани изнесувало само 23,7 GWh. Тоа значи дека за помалку од една деценија производството од фотонапонски електрани е зголемено речиси 50 пати.
Дополнително, според податоците објавени од РКЕ за 2025 година, за првпат производството од фотонапонски електрани го надминува производството од комбинираните гасни постројки. Ова претставува една од најзначајните структурни промени на македонскиот енергетски пазар во последните години и директно влијае врз растот на компаниите поврзани со трговија, снабдување и пазарно управување со електрична енергија.
Овие промени директно се одразуваат врз растот на компаниите што работат со трговија и снабдување со електрична енергија. Терна Енерџи Трејдинг ги зголемува приходите за повеќе од 50%, ГЕН-I за речиси 33%, Sole 24 за над 34%, а силен раст бележат и Енерџи Деливери Солушнс и Дуферко. Тоа покажува дека македонскиот пазар на струја станува сè поактивен, поконкурентен и значително повеќе интегриран со регионалните пазари на електрична енергија.
Од друга страна, податоците на РКЕ покажуваат дека физичката продажба на нафтени деривати во 2025 година расте за 4,88%, од 964.886 тони на 1.011.990 тони. Тоа значи дека падот на приходите кај дел од нафтените компании не е резултат на помала потрошувачка, туку пред сè на пониски цени и намалени трговски маржи во споредба со 2024 година. Практично, 2025 година покажува дека двигателот на растот во македонскиот енергетски сектор постепено се префрла од нафтените деривати кон електричната енергија, особено кон трговијата, пазарното снабдување и обновливите извори.
Анализата на приходите е изработена исклучиво врз основа на рангирањето на ТОП 100 најголеми компании по приходи во Северна Македонија, објавено од економскиот портал pari.com.mk, на следниот линк. Во анализата дополнително се вклучени и официјално објавените финансиски податоци за АД ЕСМ и АД МЕПСО, со цел поцелосно да се прикаже структурата на македонскиот енергетски сектор во 2025 година.
м-р Виктор Андонов
Аналитика









