
Уште една судска одлука сериозно ја разниша економската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, откако федерален суд во САД оцени дека глобалните царини од 10 проценти, воведени од неговата администрација, не биле донесени во согласност со законот.
Тројца судии од Американскиот суд за меѓународна трговија во Менхетен застанале на страната на неколку мали компании и повеќе од 20 американски држави, најголем дел под раководство на демократите, кои побарале поништување на спорните мерки.
Трамп ги воведе царините уште во февруари, повикувајќи се на Член 122 од Законот за трговија од 1974 година, механизам што досега никогаш не бил искористен од американски претседател. Со него, шефот на државата има право привремено да воведе царини до 15 проценти, но најмногу за период од 150 дена и без претходна федерална истрага.
Сепак, судот оцени дека администрацијата не успеала да докаже дека постои дефицит во платниот биланс, што е еден од клучните предуслови за активирање на оваа законска одредба. Судскиот панел го отфрлил и аргументот на владата дека терминот „дефицит во платниот биланс“ треба пошироко да се толкува.
Иако одлуката претставува значаен удар за царинската политика на Трамп, забраната засега не важи за сите американски увозници. Судот ѝ наложил на владата да престане со спроведување на царините само во однос на двете компании тужители и државата.
Судиите, исто така, сметаат дека останатите држави кои учествувале во тужбата немаат доволно директна правна основа, бидејќи тие не се главни увозници на стоки, туку последиците ги чувствуваат индиректно преку повисоките цени што компаниите ги префрлаат врз потрошувачите.
Ова е само последен во низата правни проблеми со кои се соочува царинската стратегија на Трамп. Американскиот Врховен суд уште на 20 февруари укина друг сет царини воведени преку Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации, оценувајќи дека претседателот ги надминал своите уставни овластувања.
Таа пресуда отвори и можност за враќање на огромни средства кон увозниците, кои досега имаат платено речиси 170 милијарди долари увозни давачки.
Во спорот околу најновите царини, тужителите тврдеа дека администрацијата намерно го изедначувала трговскиот дефицит со дефицитот во платниот биланс за да создаде правна основа за воведување на мерките. Дополнително, тие посочија дека царините биле селективни и дискриминаторски, бидејќи од нив биле изземени одредени производи од Канада, Мексико и неколку земји од Централна Америка.
И покрај судскиот пораз, Министерството за правда на САД сè уште има можност да поднесе жалба до Апелациониот суд за Федералниот округ, кој и претходно носеше одлуки неповолни за администрацијата на Трамп.
Во меѓувреме, американските власти веќе работат на механизмите за враќање на наплатените царини, а судијата Ричард Итон побарал од Царинската и граничната служба редовно да поднесува извештаи за процесот на автоматска рефундација на средствата кон увозниците.
Аналитика








