
И покрај глобалната неизвесност, геополитичките тензии и ценовните притисоци, македонскиот банкарски систем останал стабилен и отпорен во текот на 2025 година, а монетарната политика придонела за зачувување на ценовната стабилност и довербата во денарот. Ова е оценката на Советот на Народната банка, кој на редовната седница ги усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем.
Во извештајот се посочува дека централната банка водела претпазлива и конзистентна монетарна политика, при што по умереното нормализирање на почетокот на годината, основната каматна стапка останала непроменета во ефективна смисла до крајот на 2025 година. Монетарната поставеност била дополнително поддржана со измени кај задолжителната резерва и затегнување на макропрудентните инструменти, а кон крајот на годината Народната банка преминала и на нова оперативна монетарна рамка, усогласена со меѓународните практики, без промена на курсот на монетарната политика.
Од Народната банка оценуваат дека ваквата поставеност придонела за стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото и за одржување на ценовната стабилност на среден рок.
Како еден од клучните исчекори во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Single Euro Payments Area, со што се отвора нова фаза во финансиската интеграција со Европската Унија. Паралелно, започнати се и подготовки за воведување инстант плаќања, што треба дополнително да ја модернизира домашната платежна инфраструктура.
Советот оценил и дека Народната банка успешно ја реализирала Програмата за работа за 2025 година, при што покрај редовните активности биле реализирани и повеќе развојни проекти со цел да се одржи балансот меѓу стабилноста, модернизацијата и интеграцијата.
Позитивни оценки се изнесени и за состојбите во банкарскиот сектор. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година е остварен солиден раст на банкарските активности, со засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.
Особено се издвојува подобрувањето на квалитетот на кредитното портфолио, при што стапката на нефункционални кредити е намалена на историски најниско ниво од 2 проценти. Воедно, капиталната позиција на банките е дополнително зајакната, а ликвидноста останува на задоволително ниво.
Стрес-тестовите, наведено е во извештајот, покажуваат дека банкарскиот систем има добар капацитет за апсорбирање потенцијални шокови, што дополнително ја потврдува неговата отпорност во услови на надворешни ризици.
И покрај позитивните показатели, Советот предупредува дека ризиците од меѓународното окружување и натаму се присутни, особено поради геополитичките тензии и неизвесностите на глобалните пазари, поради што останува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики.
На седницата беше донесена и измена на Одлуката за задолжителна резерва, со која од оваа обврска се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезиденти во странска валута со договорна рочност подолга од две години. Мерката е со привремен рок од две години и има цел да поттикне прилив на долгорочен капитал од странство како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на глобална неизвесност.
Аналитика








