ПОВЕЌЕ

    ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ ПРИВАТНИ ПЕНЗИСКИ ФОНДОВИ ПЛИВААТ ВО ПАРИ: Има над три милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    На крајот од минатата година во Вториот пензиски столб, односно во трите приватни задолжителни фондови: КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Триглав отворен задолжителен пензиски фонд, имало 3,1 милијардa евра, што е за 450 милиони евра повеќе отколку што изнесувало заедничкото инвестициско портфолио на 31.12.2024 година, покажуваат извештаите објавени на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

    Вториот пензиски столб почна да функционира со реформата на пензискиот систем во 2006 година, а на 31.12.2025 година броел 630.396 осигуреници. Од сите овие членови, дел од пензискиот придонес оди во фондот во кој имаат лична сметка. Стапката на пензискиот придонес е 18,8 насто, при што 12,8 насто одат во државниот фонд, а кај задолжителниот приватен пензиски фонд се адресираат 6 насто.

    НАЈГОЛЕМО ИНВЕСТИЦИСКО ПОРТФОЛИО ИМА КБ ПЕНЗИСКИОТ ФОНД

    Со најголемо инвестициско портфолио располага КБ Прв задолжителен пензиски фонд со кој управува КВ Прво пензиско друштво, кое е во сопственост на словенечката финансиска групација Прва група (51 %) и Комерцијална банка АД Скопје (49 %). Инвестициското портфолио на фондот изнесува 1,48 милијарди евра. Тоа за една година се зголемило за 190 милиони евра.

    Пензискиот фонд Сава (со кој управува Сава пензиско друштво во сопственост на Позаваровалница Сава д.д Љубљана) на крајот од минатата година имал инвестициско портфолио од 1,35 милијарди евра, што е за 200 милиони евра повеќе отколку на 31.12.2024 година.

    Најмладиот фонд, Триглав отворен задолжителен пензиски фонд, располага со инвестициско портфолио од 275,8 милиони евра. Со него управува Триглав пензиско друштво, кое е во сопственост на словенечката Заваровалница Триглав. Фондот го зголемил своето инвестициско портфолио за 67,1 милион евра за една година.

    Извор: Мапас.мк

    ВО ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ ФОНД ИМА 630.396 ОСИГУРЕНИЦИ

    Во Вториот пензиски столб мора задолжително да членуваат сите лица што првпат се вработиле по 1 јануари 2003 година и кои во моментот на вработување биле помлади од 40 години. Во фондовите доброволно може да членуваат и лица коишто биле вработени пред 1 јануари 2003 година и кои во моментот на воведување на системот имале меѓу 40 и 50 години. Тие имаа рок (во почетните години од реформата) да изберат дали ќе влезат во Вториот пензиски столб.

    На 31.12.2025 година во Вториот пензиски фонд има 630.396 осигуреници, што е 19.541 повеќе отколку на 31.12.2024 година.

    Најмногу членови има фондот што има и најголемо инвестициско портфолио – КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд. Таму на крајот од минатата година имало 286.625 членови, што е 5.340 повеќе отколку на 31.12.2024 година.

    Во пензискиот фонд Сава на 31.12.2025 година имало 265.964 членови и за една година се зголемило членството за 4.199.

    Најголем раст на членство за една година има Триглав отворен задолжителен пензиски фонд. На 31.12.2025 година имал 77.867, што е за 10.000 повеќе отколку пред една година.

    Извор: Мапас.мк

    Осигурениците што задолжително членуваат во Вториот пензиски столб веднаш по вработувањето, времено се распределуваат од страна на ФПИОСМ во задолжителен пензиски фонд по случаен избор, со цел да се обезбеди оплодување на нивните средства од самиот почеток на членството во задолжителен пензиски фонд. Овие осигуреници имаат рок од 3 месеци да одберат во кој задолжителен пензиски фонд ќе членуваат. Ако по истекот на тој рок не одлучат во кој задолжителен пензиски фонд ќе членуваат, тогаш остануваат членови во задолжителниот пензиски фонд во кој биле времено распределени.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично