ПОВЕЌЕ

    „НЕ“ ЗА НАТАМОШНА ГАСИФИКАЦИЈА КАКО СПАС ОД ОВАА И ИДНИ КРИЗИ: Меѓународни невладини со апел до владите од Западен Балкан да ја намалат зависноста од гас

    Време зa читање: 5 минути

    Поради најновата глобална енергетска криза, владите на земјите на Западен Балкан мораат да ја избегнат натамошната зависност од гас и да се фокусираат на енергија од обновливи извори. Ова е пораката на 47 граѓански организации, кои денес ги повикаа владите на земјите од Западен Балкан да се спротивстават на притисоците од Соединетите Американски Држави и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани. Во заедничка изјава, организациите предупредуваат дека, наместо само да го заменат рускиот гас, овие планови значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива.

    Веќе неколку години, Соединетите Американски Држави промовираат проекти како интерконекторот меѓу Грција и Северна Македонија, терминали за течен природен гас (LNG) во Црна Гора и Албанија, како и јужната гасна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина.

    На овонеделниот 3SI Самит во Дубровник се планира меѓувладин договор за последниот проект, додека планираниот договор меѓу САД и Црна Гора веќе наиде на силен отпор од граѓанското општество и жителите кои живеат во близина на планираниот LNG терминал во Бар.

    Во споредба со Европската Унија, земјите од Западен Балкан имаат ниска или никаква зависност од гас. И покрај намалувањето на потрошувачката, во 2024 година гасот сочинуваше над 20% од достапната енергија во ЕУ. Но, во Западен Балкан, најзависни од гас беа Србија (14%) и Северна Македонија (12%). Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3%, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура.

    Но, наместо ова да се гледа како предност што треба да се искористи, повеќето влади во Западен Балкан активно планираат гасоводи, електрани и LNG терминали кои заедно би можеле тројно да ја зголемат потрошувачката на гас во споредба со 2023 година. Според заедничката изјава, тие или ќе ги заглават земјите во скапа зависност од увоз, или ќе завршат како нефункционални (stranded) инвестиции.

    Според Ана Чоловиќ Лешоска од организацијата Еко-свест, една од потписничките на петицијата, планирањето на нови гасни електрани во Македонија отвора сериозни прашања за нивната економска оправданост и влијанието врз климатските цели. Нашата најнова анализа за проценка на емисиите од гасната инфраструктува во земјата покажува дека сегашните планови се преамбициозни, а изградбата на две комбинирани гасни постројки во земјава би била финансиски неодржлива, особено во услови на регионална конкуренција и зголемени CO₂ емисии. државата треба внимателно да избере помеѓу продолжување на зависноста од фосилни горива или забрзана транзиција кон обновливи извори и одржлив енергетски систем, кој може сигурно да функционира и без нови гасни електрани.

    „Среде уште една криза со фосилни горива, неверојатно е што владите сè уште планираат нови гасоводи и гасни електрани. Тие би чинеле милијарди, дури и пред да се вклучат трошоците за самиот гас, и најверојатно би завршиле како нефункционални инвестиции или би биле силно субвенционирани од даночните обврзници. Планирањето и изградбата лесно може да потраат една деценија – предоцна за да го заменат рускиот гас – а регионот нема ни пари ни време за вакви скапи грешки“, вели Пипа Галоп од организацијата CEE Bankwatch Network.

    Организациите ги повикуваат владите во регионот да се фокусираат на соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер – поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи – како и на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење. Тие исто така повикуваат на поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт.

    Државата минатата година најави инвестициска офанзива со изградба на најмалку две когенеративни гасни централи. Според владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Македонија се трансформира во земја транзит на гас и извозник на електрична енергија, додека Владата интензивно работи за енергетска независност и стабилност на земјата. Министерството за рударство и енергетика на почетокот на годинава го претстави проектот за когенеративна гасна централа со капацитет од 496 мегавати (MW) и инвестиција од над 445 милиони евра во Вардарскиот регион.

    Гасификацијата на државава досега не придонесе за позначаен удел на овој енергенс како извор на енергија. Државниот завод за ревизија утврди дека во изминатите години биле вложени над 143 милиони евра јавни средства пари за изградба на три магистрални гасоводи, но дека тие сè уште не се ставени во употреба.

    Ревизорите утврдиле сериозни системски слабости во работењето на АД НОМАГАС Скопје, државната компанија задолжена за пренос на природен гас. Според ревизорскиот извештај, Македонија има стотици километри целосно изградена инфраструктура во периодот од 2016 до 2024 година, која на државава не ѝ носи никаков енергетски или економски ефект.

    Станува збор за сè уште неизградените магистрални гасоводи – делницата од Клечовци долга 61 километар (ЛОТ 1), 36 километци во Неготино со гасни станици во Штип и Неготино , преносниот гасовод од 92 километри Неготино/Кавадарци до Битола (ЛОТ 2) и гасоводот од 78 километри Скопје – Тетово – Гостивар (ЛОТ 5).

    Ј.Д.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично