Бугарските институции надлежни за заштита на животната средина ги одобрија еколошките процедури за изградба на граничниот премин Струмјани – Берово (Клепало). Со тоа е дадено „зелено светло“ за изградба на граничниот премин, поврзаната инфраструктура и патот III-1008 од Струмјани до границата со Македонија.
Според пишувањето на весникот Fakti.bg одобрена е опцијата 1 за трасата, која предвидува пократок премин, помал обем на градежни активности и ограничено влијание врз животната средина. Избраното решение е во согласност со барањата за заштита на природата, вклучувајќи ги и целите за заштита на зоната „Кресна – Илинденци“ од мрежата Натура 2000. Во исто време, овозможува имплементација на инфраструктурата со минимално влијание врз природните предели и биодиверзитетот.
Новиот билатерален граничен премин, кој ќе биде лоциран на територијата на општините Струмјани и Берово, е стратешки проект во рамките на Приоритетот 2 „Поповрзан прекуграничен регион“ од програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија, управувана од Министерството за регионален развој и јавни работи. Вкупната вредност на проектот е 11 милиони евра, вклучувајќи го и националното кофинансирање од двете земји, се наведува во информацијата на бугарското министерство за животна средина.
Водечки партнер е администрацијата на округот Благоевград, назначена за корисник со одлука на Советот на министри на Република Бугарија, а партнер од Република Северна Македонија е Дирекцијата на Царина.
Успешното завршување на процедурите за животна средина е важен чекор кон неговата имплементација и кон подобрување на поврзаноста во прекуграничниот регион.
Нашата држава во 90-те години на минатиот век инвестираше милионски суми во изградба на пристапни патишта до три локации на идни гранични премини со Република Бугарија, но и по три децении тие останаа неизградени, поради немање интерес од бугарската страна.
Како што пишува весникот Дневник уште во 2011 година, во план била изградба на три нови гранични премини – Црна Скала кај Делчево, Ајдучки Кладенец кај Пехчево и Клепало кај Берово. На подрачјето на Пијанец и на Малеш сега функционира само граничниот премин Делчево – Станке Лисичково, еден од вкупно трите, покрај тие кај Крива Паланка и струмичко Ново Село, што Македонија ги има со Бугарија. Изграден е пред околу четири децении и ги поврзува Делчево со Благоевград.
Одамна требаше да биде пуштен и граничниот премин Црна Скала или Делчево – Невестино. Во 2002 година од македонска страна беа потрошени 1,7 милион евра од продажбата на телекомот за пробивање и тампонирање на десетте километри пат од Делчево до Црна Скала. Се проценуваше дека за завршување и асфалтирање на патот беа потребни уште толку пари, според тогашните пресметки. Но, бидејќи со проектот не се почна и од другата страна, работите беа запрени и од наша, па сега незавршената инфраструктура пропаѓа.
Во 1993 година бил изграден современ пограничен објект на Клепало, кој требало да го користат и македонските и бугарските гранични служби.
Од трите неотворени гранични премини, Македонија најмногу пари има вложено во Клепало кај Берово. Беше изграден современ пограничен објект на Клепало, кој требаше да го користат и нашите и бугарските гранични служби. Според договорот, Бугарите таков објект за двете гранични служби требало да изградат на некој од другите два планирани гранични премина. Неколку години по завршувањето на пограничната зграда беше завршен и асфалтиран и патот од Берово до Клепало, во должина од 17 километри. Но, и покрај тоа што имале одобрено и европски пари, Бугарија не почна со асфалтирање на патот од Струмјани до Клепало, наведува Дневник во својот напис.
Ј.Д.
(Фото: Fakti.bg)
Аналитика








