ПОВЕЌЕ

    Готовината за Швајцарците значи – дом

    Време зa читање: 6 минути

    Некои сметаат трендoт за гарантирање на готовината е резулатат на теориите на заговор за „Големиот брат“, според кои владите имаат намера да ги контролираат луѓето со целосно укинување на готовината.

    Правото да се користат швајцарски банкноти и монети ќе биде вградено во Уставот на Швајцарија, откако швајцарсккте гласачи на неодамнешниот референдум ја поддржаа мерката за заштита на употребата на готовина во општеството.

    Официјалните резултати покажаа дека 73,4 проценти од гласачите ја поддржале законската измена.

    Националниот Референдум е поттикнат од страна на Швајцарското движење за слобода (Swiss Freedom Movement), откако нивната иницијатива за заштита на готовината собра повеќе од 100.000 потписи.

    Гласањето значи дека Швајцарија ќе им се приклучи на земјите како Унгарија, Словачка и Словенија, кои веќе го имаат внесено правото на користење готовина во своите устави.

    Австриските политичари исто така дебатираат дали да го следат овој пример, додека навиките за плаќање на луѓето стануваат сè подигитални — особено по пандемијата.

    Инаку, движењето Swiss Freedom Movement претходно водеше кампањи за разрешување на непопуларни владини министри, забрана на електронското гласање и заштита на граѓаните од професионални или социјални последици доколку одбијат вакцинација против COVID-19, но ниту една од тие иницијативи не стигна до гласачкото ливче.

    ШВАЈЦАРЦИТЕ ГИ САКААТ СВОИТЕ ДИЗАЈНЕРСКИ БАНКНОТИ

    Ова гласање е редок момент кога една развиена економија пошироко ја разгледува идејата за готовина, во време кога технологијата ги прави банкнотите сè поизлишни.

    Прашањето дали да се постави сопирачка против нивното исчезнување, е во голема мера симболично, но има големо значење во земја каде што луѓето сè уште чуваат големи количини банкноти.

    Швајцарските врвни дизајни на банкноти и монети, кои делумно датираат од средината на 19-от век и се исполнети со национална симболика, се речиси исто толку стари колку и самиот Устав.

    Тој фокус на парите и нивната вредност, поткрепен од швајцарските банки, долго време влијаел франкот да се етаблира како сигурно прибежиште за глобалните инвеститори.

    Улогата на валутата на финансиските пазари повторно дојде до израз и неодамна кога избувна војна на Блискиот Исток.

    Кога Швајцарците гледаат подалеку од своите планини, сфаќаат дека работите се менуваат насекаде“, рече Јирг Концет, историчар и поранешен банкар кој е основач на Музејот на парите во Цирих. „Сепак, за многу луѓе овде, готовината претставува чувство на дом“.

    Жителите на Швајцарија чуваат повеќе готовина од многу други народи. Како резултат на издавањето на една од највредните банкноти во светот — банкнотата од 1.000 франци (1.272 долари) — просечниот жител има речиси 10.700 долари дома, според податоците на Банката за меѓународни порамнувања.

    Дури и една серија банкноти од 1970-тите, која сега е повлечена, сè уште е широко присутна кај населението, со речиси 900 милиони франци кои сè уште се чуваат „под душек“.

    Лудвиг Карл, главен оперативен директор на Swiss Gold Safe Ltd., која управува со складишта за вредни предмети, проценува дека речиси секој човек чува барем 1.000 франци во готовина како фонд за „црни денови“.Некои имаат и поголеми суми во банкноти, понекогаш стотици илјади франци или повеќе“, вели Карл

    ФИЗИЧКИТЕ ПАРИ – СУГУРНОСТ ВО НЕСИГУРНИ ВРЕМИЊА

    Некои сметаат дека трендот за зачувување на готовината е резулатат на теориите на заговор за „Големиот брат“, според кои владите имаат намера да ги контролираат луѓето со целосно укинување на готовината.

    Поддржувачите, кои собраа 157.000 потписи за да го иницираат народното гласање, тврдат дека физичките пари се крајната гаранција за вредност во несигурни времиња.

    „Важно е луѓето да ја задржат можноста да се свртат кон готовина кога се соочуваат со негативни каматни стапки или високи банкарски провизии за трансакции“, рече Рихард Колер, претставник на Швајцарското движење за слобода кое водеше кампања за иницијативата. „Знаеме дека готовината функционира без електрична енергија, без интернет, без надзор — тоа е важно за Швајцарците.“

    Во последната деценија е забележана значителната промена во навиките за плаќање, при што употребата на готовина на физички продажни места опаднала од 72% на 52% според обемот на трансакции.

    Плановите на Eвропската централна банка да издаде дигитално продолжение на еврото, дополнително ги зголемија тие стравувања, што ја поттикна извршната власт на Европската унија  да предложи закон со кој физичката готовина ќе се зацврсти во општествата низ целиот блок.

    Дигиталното евро, предложено од Европската централна банка има цел да обезбеди сигурна, брза и инклузивна дигитална валута што ќе служи како модерна алтернатива на готовината, погодна за секојдневни трансакции низ еврозоната.

    Оваа иницијатива е дел од една поширока заложба за модернизација на системите за плаќање и подобрување на финансиската инклузија, но со обезбедување на постоењето на физичката готовина која останува достапна и употреблива за сите.

    ПРЕОВЛАДУВА БЕЗГОТОВИНСКОТО ПЛАЌАЊЕ

    И во Швајцарија последната деценија се забележува пад на плаќањата во готово. Во 2017 година, повеќе од седум од десет плаќања на каса биле во готово. Во 2024 година, готовината учествувала во само 30 проценти од трансакциите во продавниците, според податоците на Швајцарската национална банка.

    Иако Швајцарците ги сакаат банкнотите, нивните навики за трошење го следат глобалниот тренд кон безготовинско плаќање. Во 2024 година физичките пари биле користени во само 30 отсто од трансакциите. Дебитните картички ги надминале банкнотите и монетите како најчест начин на плаќање.

    Порано клиентите многу почесто плаќаа во готовина“, вели Ванеса Фрај, портпаролка на продавачот на часовници Beyer Chronometrie AG на главната луксузна трговска улица Банхофштрасе во Цирих.

    Некои швајцарски трговци сега дури и го ограничуваат прифаќањето на плаќања со монети и банкноти, особено во јавниот превоз и на места како божикните пазари.

    Во јужниот град Лугано, општината дури почна да прифаќа крипто-средства за плаќање даноци, казни и други сметки. Во меѓувреме, Швајцарската национална банка е меѓу светските лидери во истражувањето на дигитални пари за употреба меѓу банките.

    Сепак, централната банка останува посветена на физичките пари. Неодамна го објави дизајнерот на нова генерација банкноти, кои треба да бидат издадени во 2030-тите.

    Подготви: Мимоза Петреска Георгиева

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично