Поголемиот дел, односно 55 проценти од странските инвеститори се подготвени повторно да инвестираат во земјава, покажува најновата анкета спроведена меѓу компаниите членки на Советот на странски инвеститори. Според резултатите, повеќе од половина од анкетираните фирми имаат намера да го прошират или да го продолжат вложувањето во државата, што претставува зголемување за 13 процентни поени во споредба со истражувањето направено во 2024 година. Овие податоци биле презентирани на денешната средба во Стопанската комора, меѓу премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Советот на странски инвеститори.
Претседателот на Советот, Виктор Мизо, рече дека анкетата опфатила 47 компании кои вработуваат околу 40.000 луѓе. Тој нагласи дека позитивниот став за реинвестирање е значаен сигнал за довербата во деловната средина, но и дека инвеститорите посочиле неколку предизвици – недостиг на работна сила, царински стапки, минималната плата и олеснување на процедурите за работни дозволи за странски менаџери.
„Разговаравме и за останатите отворени прашања како дополнителното намалување за 50 отсто на царинските стапки што ќе се направи од 1 јули годинава, а тоа значи дека ќе имаме целосна хармонизација и поголема конкурентност на нашето производство тука и на исто ниво со конкурентноста во земјите на ЕУ“, рече Мизо.
На средбата била отворена била темата за глобалните ризици, особено можните последици од конфликтите на Блискиот Исток врз цените на транспортот, енергенсите и репроматеријалите. Според Мизо, освен врз цената на нафтата, војната ќе се одрази и со зголемување на цените на транспортот и на репроматеријали. Забавениот транспорт, пак, ќе се рефлектира кај фирмите-мајки на компаниите што работат во земјава. Како што нагласи, автомобилската индустрија во Европа, која зафаќа најголем дел од инвестициите во Македонија, ќе претрпи најголеми штети.

Премиерот Мицкоски изјави дека странските инвеститори се исклучително важни за економскиот развој, исто како и домашните компании. Тој изрази задоволство од растот на бројот на фирми што се подготвени повторно да вложуваат и порача дека Владата ќе ги анализира забелешките на инвеститорите. Според него, секоја нова инвестиција придонесува за посилна економија, поголеми приходи во буџетот и повеќе средства за капитални проекти, здравство, образование и зголемување на платите и пензиите.
Следната квартална средба со странските инвеститори е најавена за средината на јуни.
Аналитика








