ПОВЕЌЕ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ: Без навремена цена, ризикот е преголем

    Време зa читање: 3 минути

    Додека лозјата се подготвуваат за новата сезона, дел од производителите велат дека клучната информација сè уште ја нема колку ќе чини нивниот род. Без објавена откупна цена, тврдат тие, не можат да направат ниту елементарна економска пресметка дали да вложуваат дополнително во резидба, заштита и обработка или да го намалат производството.

    Барањето е едноставно: цените да се знаат однапред, а не непосредно пред стартот на откупот. Според лозарите, доколку излезат само месец и пол пред бербата, тоа нема да им остави простор за реакција. Минатогодишното искуство, велат, покажало што значи доцна координација, дел од грозјето останало необрано, а откупот бил прекинуван во текот на сезоната.

    Земјоделците пресметале дека производството годинава, со сите трошоци, не може да биде одржливо под 35 денари за килограм. Минатата сезона, пак, откупот се движел околу 18–19 денари.

    Паралелно со прашањето за цената, незадоволство предизвика и новата програма за субвенции. Наместо досегашниот праг од два декари, за поддршка во лозарството сега се потребни најмалку пет. Според земјоделците, тоа автоматски ги исклучува малите индивидуални производители, кои и онака работат со ограничени ресурси. Дополнителна дилема отвора и обврската дел од родот задолжително да се предаде кај регистриран откупувач, во услови кога, како што велат, откупните капацитети не се доволни.

    Реакции стигнуваат и од други гранки. Раноградинари, житопроизводители и сточари предупредуваат дека новите прагови за минимални површини и број на добиток ќе ги погодат токму најмалите. Според новите правила, за субвенции во сточарството се потребни најмалку три крави или 30 грла ситен добиток, додека пчеларите треба да имаат минимум 30 пчелни семејства. Дел од земјоделците стравуваат дека ќе останат надвор од системот, иако им е потребна поддршка за да го задржат постојното производство.

    Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, пак, смета дека рестрикциите се неопходни. Според него, приоритет треба да имаат регистрираните земјоделци кои живеат од оваа дејност и редовно ги исполнуваат обврските кон државата. Новиот модел, тврди министерот, ќе стави ред во системот и ќе спречи злоупотреби од лица кои формално аплицираат за субвенции, а реално не произведуваат.

    Годинава за земјоделството се предвидени 98 милиони евра, од кои значителен дел се наменети за подмирување на обврски од претходни години. Лани беа произведени 129 милиони килограми грозје – значително повеќе отколку претходната година – што дополнително го отвора прашањето за пласманот на евентуалниот вишок.

    Во Тиквешијата повторно се актуелизира идејата за изградба на дестилерија која би го апсорбирала вишокот род. Локалната власт тврди дека проектот е изводлив и дека со релативно умерена инвестиција може да се обезбеди капацитет за преработка на десетици милиони килограми грозје. Засега, сепак, тоа останува план на хартија.

    Пред почетокот на сезоната, агросекторот се наоѓа меѓу две неизвесности – дали цената ќе ја покрие реалната производна сметка и дали новите правила ќе го намалат бројот на оние што ќе имаат право на државна поддршка. Од одговорот на тие прашања ќе зависи колку лозја ќе се одржуваат, а колку ќе останат без грижа во наредните години.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично