
Одлуката на Врховниот суд на САД да ги поништи повеќето од глобалните царини воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп предизвика силни реакции во Вашингтон и на финансиските пазари. Само неколку часа по пресудата, Трамп излезе со нова иницијатива, глобална царина од 10% како замена за мерките што судот ги прогласи за неуставни.
Судиите оценија дека претседателот ги пречекорил своите овластувања кога минатата година воведе широки увозни давачки за стоки од речиси целиот свет. Одлуката претставува значајна победа за американските држави и бизниси кои ги оспорија царините, а истовремено отвора можност за враќање на милијарди долари веќе наплатени царини. Сепак, таа внесува и нова неизвесност во глобалната трговија.
Говорејќи од Белата куќа, Трамп ја нарече пресудата „ужасна“ и „длабоко разочарувачка“, а дел од судиите ги обвини дека се „будали“ и „непатриотски“. Тој најави дека враќањето на средствата нема да биде едноставно и дека очекува правната битка да трае со години. Претседателот истакна дека администрацијата ќе се повика на други законски основи за да ја продолжи трговската политика што, според него, ги поттикнува инвестициите и домашното производство. „Имаме алтернативи – одлични алтернативи и ќе бидеме многу посилни поради тоа“, порача Трамп.
Судската постапка се фокусираше на царините што Белата куќа ги воведе минатата година, првично насочени кон Мексико, Канада и Кина, а подоцна проширени на десетици трговски партнери. Администрацијата се повика на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година, тврдејќи дека тој му овозможува на претседателот да ја „регулира“ трговијата во услови на национална вонредна состојба.
Но, адвокатите на државите и малите бизниси кои го покренаа случајот истакнаа дека законот не го споменува терминот „царини“ и дека Конгресот никогаш немал намера да му ја отстапи на претседателот својата уставна надлежност за оданочување. Врховниот судија Џон Робертс, во образложението на мнозинството, наведе дека кога Конгресот делегира овластувања за царини, тоа го прави јасно и под строги ограничувања. Доколку сакал да му даде извонредна моќ за воведување царини, ќе го сторел тоа експлицитно, напиша тој.
Интересно е што одлуката ја поддржаа и тројцата либерални судии, како и двајца судии номинирани од самиот Трамп – Ејми Кони Барет и Нил Горсач. Спротивставени останаа конзервативците Кларенс Томас, Брет Кавано и Семјуел Алито.
На Волстрит, веста беше пречекана позитивно. Индексот S&P 500 порасна за околу 0,7% на крајот од тргувањето, додека дел од бизнисите изразија олеснување. Бет Бенике, сопственичка на мал бизнис во Минесота кој произведува стоки во Кина, изјави дека чувствува како „да ѝ се симнала тежина од градите“. Ник Холм, извршен директор на компанија за прецизни велосипедски делови и еден од тужителите во случајот, пресудата ја нарече „олеснување“, иако предупреди дека ќе бидат потребни месеци за синџирите на снабдување да се стабилизираат.
И покрај судската одлука, трговската политика останува во центарот на политичката и економската дебата. Додека бизнисите внимателно ја поздравуваат пресудата, Белата куќа сигнализира дека ова не е крај на царинската стратегија, туку почеток на нова фаза во битката околу тоа кој ја има последната збор за трговијата на САД.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








