ПОВЕЌЕ

    „МИНИМАЛЕЦ“ ОД 600 ЕВРА: Спас за работниците или ризик за економијата

    Време зa читање: 8 минути

    Паралелно со континуираниот раст на трошоците на живот, во фокусот повторно е минималната плата. Старо-новото барање на Сојузот на синдикати на Македонија, минималецот да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари, овојпат е засилено со веќе одржаниот протест, но и со најавите за блокади, па и за генерален штрајк.

    ССМ аргументира дека за две години без реален раст на платите, работниците „реално осиромашиле“ бидејќи вредноста на синдикалната минимална кошница пораснала за околу 9.500 денари. Притоа, нагласуваат и дека околу 200.000 вработени земаат плата под 30.000 денари, што ја продлабочува сиромаштијата и го поттикнува иселувањето.

    Аргументите на работодвачите се дека висината на платата треба да ја следи релната состојба во компаниите, како и продуктивноста на работниците.

    Така, моделирањето на минималната плата е исправено пред голем предизвик. Дали да се најде ад-хок решение со кое ќе се подобри животниот стандард на граѓаните и ќе се сопре миграцијата на работната сила, со оглед на повисоките плати во опкружувањето или, пак, ќе се задржиме на економската формула вградена во Законот за минимална плата, која всушнст со економски параметри ја штити платата од губењето на нејзината вредност. Според Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:  50% од порастот на просечно исплатената нето плата за претходната година и  50% со инфлацијаат за претходната година.

    ДИМИТРОВ: СИТЕ НЕМААТ ГОЛЕМИ ПРОФИТИ, НЕКОИ СЕ НА РАБОТ

    Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), минималната плата не може да се гледа само од позиција на потребите на работниците, туку истовремено треаба да се води грижа за економскиот развој, нивото на продуктивноста и одржување на нивото на вработување.

    Ова не е моја измислица туку извадок од Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за одредување на минималната плата Ц-131 од 1970 година. И Директивата на ЕУ 2022/2041 не успеа да одреди ниво на минимална плата за целата ЕУ, затоа што е многу јасно дека во ЕУ има земји со различен степен на економски развој и премногу високиот износ на минимална плата ќе биде катастрофално за земјите со понизок БДП по жител“, вели Димитров за Пари.

    Неговиот став е дека нашиот Синдикат се обидува да нѐ увери дека порастот на минималната плата за 47 насто нема да донесе негативни економски последици.

    „Неговото тврдење дека македонските компании имаат огромни профити и дека имаат можност да ги покачат платите за сметка на намалување на профитите е многу непрофесионално, затоа што не можете да ги гледате профитите на најуспешните дваесетина фирми во Македонија и да носите ваков заклучок. Затоа, треба да се видат профитите на компаниите во дејностите кои имаат просечна плата помала од 36.000 денари. Во овие дејности годишниот профитот по вработен е помалку од 100 евра, и тие се на граница на рентабилност“, објаснува Димитров.

    Како што вели, вториот аргумент на синдикатите е дека зголемувањето на минималната плата досега не предизвикало бран на затворање фирми, туку дека бројот на новоосновани компании бил поголем од бројот на згаснати.

    „Сепак, податоците укажуваат на поинаква динамика. Истражувањето на вашиот портал покажува дека во 2021 и 2022 година, кога минималната плата најмногу растеше, годишно згаснувале речиси 7.000 компании, за разлика од периодите со усогласување според закон, кога бројот на затворени фирми се движел околу 4.000 годишно. Но, уште поважен индикатор од бројот на фирмите е состојбата со вработеноста. Анализата покажува дека секторите најпогодени од растот на минималната плата во периодот од 2018 до 2024 година изгубиле меѓу една четвртина и речиси половина од работниците, а кај одделни дејности падот достигнува и до 70 проценти. Ова укажува дека ефектите од зголемувањето на минималната плата не се секогаш видливи веднаш, туку најчесто се одразуваат преку постепено намалување на бројот на вработени“, упатува претседателот на Собранието на ОРМ.

    Третиот аргумент на синдикатите, додава Димитров, е дека зголемувањето на минималната плата нема да влијае на инфлацијата. Според него, ова не само што нема никаква економска логика, туку напротив. Во 2022 година, кога минималната плата порасна од 15.229 денари на 18.000 денари, или нивното учество од 52 проценти во однос на просечната плата порасна на огромни 58 проценти, инфлацијата се зголемила од 3,2 насто во 2021 на 14,2 насто во 2022 година.

    „Проблемот нема да се јави само кај урамниловката и немање средства да се покачат повисоките плати, што ќе влијае на мотивацијата на подобрите и поквалификуваните работници, туку ќе се наруши конкурентската способност на нашите компании, особено на извозниците. Ова, затоа што компаниите кои работат на домашниот пазар веднаш ќе ги покачат цените на производите и услугите на домашниот пазар, но извозниците не можат да бараат од странските партнери такво огромно зголемување на цените. Затоа, во услови на трговски дефицит и дефицит во билансот на плаќање со странство ние долеваме бензин на огнот и го уништуваме и така намаленото индустриско производство и извоз кои треба да бидат темел на нашата макроекономска стабилност“, објаснува Димитров.

    СПОРЕДБА СО РЕГИОНОТ: МАКЕДОНИЈА Е ВО ДОЛНИОТ ДЕЛ НА ТАБЕЛАТА

    Сепак, споредбата со регионот останува разочарувачка и демотивирачка за да останат младите и да работат во земјавата.

    Со актуелни 397 евра нето-минимална плата, земјава се наоѓа во долниот дел од табелата на Западен Балкан. Во исто време, највисоката минимална плата во регионот ја има Црна Гора, кадешто всушност има две минимални плати: една од 600 евра за оние со ниско и средно образование, и 800 евра за оние со високо образование.

    Податоците од регионот покажуваат јасна разлика во пристапот кон минималните примања. Во Србија минималната плата се движи меѓу 505 и 580 евра, во зависност од бројот на работните часови во месецот, додека во Босна и Херцеговина изнесува околу 525 евра. Албанија, со 444 евра, исто така е пред Македонија, додека зад нас останува само Косово со минимална плата од 384 евра.

    ЗА 13 ГОДИНИ МИНИМАЛНАТА ПЛАТА СТАНАЛА ТРОЈНО ПОГОЛЕМА

    Категоријата минимална плата доби законска подлога во 2012 година, со утврден износ од 8.050 денари. Во однос на денешните 24.379 денари, таа е тројно поголема.

    Низ годините, загарантираното ниво постепено се зголемуваше, а прагот од десет илјади го надмина во 2016 година (10.080 денари). Од 2020 година почна годишното усогласување – 50 проценти од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 проценти од порастот на индексот на трошоците на живот, исто така за претходната година.

    Според податоците од Министерство за труд и социјална политика, последниве неколку години е забележлив јасен тренд на раст, но со различна динамика.

    Во периодот од  јули 2020 до март 2021 година минималната плата изнесувала 14.934 денари, а веќе за март 2025 – февруари 2026 достигнува 24.379 денари. Тоа значи дека за нешто помалку од шест години минималната плата е зголемена за 9.445 денари, односно за 63,2 насто. Со други зборови, денешната минимална плата е речиси две третини повисока во споредба со почетната година од анализата, што на прв поглед укажува на сериозен подем.

    Меѓутоа, подеталниот поглед на динамиката по години покажува дека зголемувањето не се случувало рамномерно. Во првата фаза од 2020 до 2022 година, растот бил речиси симболичен. Минималната плата се зголемила од 14.934 на 15.194 денари, што е позитивна разлика од само 260 денари, односно околу 1,7 насто. Овој период практично значи стагнација, особено ако се има предвид дека во исто време трошоците за живот почнаа да растат.

    Вистинскиот пресврт се случува од 2022 година наваму, кога минималната плата првпат прави позначителен скок на 18.000 денари. Оттогаш следуваат континуирани и покрупни зголемувања, со што платата постепено се искачува до сегашните 24.379 денари. Токму оваа втора фаза го носи најголемиот дел од вкупното зголемување и покажува дека најсилното поместување на минималната плата се случува паралелно со засилената јавна дебата поттикната од растечките трошоци за живот, инфлацијата и притисокот врз животниот стандард на работниците.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично