ПОВЕЌЕ

    ПИОМ статистика за декември: 348.795 пензионери и просек од 442 евра

    Време зa читање: 4 минути

    Во декември, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување исплатил пензии на вкупно 348.795 корисници, покажуваат официјалните податоци на ПИОМ. Најголем дел од пензионерите се корисници на старосна пензија, а просечната исплатена пензија во месецот изнесувала 27.167 денари, односно околу 442 евра. Тоа е малку над нивото на минималната плата, односно износот не е доволен за нешто повеќе од задоволувањето на најосновните потреби. Сепак, дел од пензионерите добиваат нова можност за дополнителен приход.

    Личниот буџет можат да го зголемат со времен или сезонски работен ангажман. Притоа, без последици по редовноста на пензијата. Тоа право (заедно со учениците, студентите, самовработените) им е обезбедено со Законот за работно ангажирање лица што се применува од почетокот на годинава. И кој предвидува дека следува паричен надомест за секој одработен час, кој не смее да оди под законски утврденото ниво на минималниот нето-износ по час. Пресметано според минималната плата, тоа е во распон од околу 140 до 150 денари нето по час, односно околу 2,3 до 2,5 евра.

    И досега пензионерите работеа, но повеќе на црно, затоа што мораа да направат избор – пензија или плата. Засега нема податоци за тоа колку оваа можност го поттикнала интересот на работоспособните пензионери. Но, ги има бројките од декемвриската статистика на ПИОМ.

    Тие покажуваат дека од вкупниот број корисници, 250.461 лице примаат старосна пензија, што претставува убедливо најголем сегмент. Семејна пензија користат 74.210 лица, додека инвалидска пензија примаат 24.124 корисници. По основ на воено и земјоделско право пензии примаат значително помал број лица – вкупно 702 корисници, што е симболичен удел во вкупната структура. Најголемиот дел од пензиите се остварени врз база на претходниот работен однос.

    Просечната исплатена пензија во декември изнесува 27.167 денари. Притоа, старосната пензија е над овој просек – 28.749 денари (467 евра), а инвалидската под – 24.704 денари. Просекот на семејната пензија е 22.528 денари. Вообичаено, најниското просечно примање е на земјоделските пензионери, од 16.952 денари, а највисок просек имаат корисниците на воена пензија со 35.748 денари.

    Според распределбата по висина на исплатата, повеќе од една третина (36,25 %) од пензионерите месечно располагаат со пензии во распон од 19.229 до 22.945 денари. Дополнителни 22,68 проценти се во групата од 22.946 до 28.500 денари, додека 27,03 проценти добиваат пензија меѓу 28.501 и 45.276 денари.

    Извесно поместување има кај пензиите што одат над прагот од 63.518 денари. Тие износи завршуваат на сметките од 3.517 пензионери, што претставува само 1,01 отсто од нивниот вкупен број. За споредба, во ноември биле регистрирани 3.351 корисник (0,97 %).

    Највисоката исплатена пензија во декември изнесува 89.049 денари (околу 1.450 евра). Ја примаат 18 лица, сите по основ на старосна пензија. Во категориите семејна и инвалидска пензија нема корисници со ваков износ.

    Според податоците на ПИОМ, 94.568 пензионери живеат со најниските законски пензии, предодредени со периодот кога го оствариле тоа право. Најголемиот дел, или 85.150 лица се пензионирале по 1 јануари 2002 година. Во овој дел доминантна е третата група од 55.402 лица со најнизок износ на примања од 19.888 денари.

    Дополнително, 6.518 корисници имаат пензија остварена до крајот на 1996 година, а 2.900 лица во периодот од 1997 до 2001 година. Износите во овие групи се движат меѓу 19.228 (2.089 приматели) и 22.945 денари (712 лица).

    Наскоро овие износи ќе бидат повисоки за илјада денари. Линеарното зголемување постигна одреден ефект кај ниските пензии. Но, предизвикува незадоволство кај оние со повисоки примања.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк. 
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично