
Напладне, на граничните премини меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, камионите застанаа. Не поради дефект, ниту поради временски услови, туку како јасна порака дека трпението на балканските превозници е при крај.
Транспортерите од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора синхронизирано започнаа блокади на товарните гранични терминали кон Шенген зоната, пред сè кон Хрватска. Според најавите на здруженијата, околу 5.000 камиони се упатиле кон граничните премини, додека вкупно до 75.000 возила од четири земји се очекува да учествуваат во протестите.
Причината е иста за сите: новиот електронски систем за влез и излез (EES), заедно со долгогодишното правило за престој од 90 дена во период од 180 дена, кое професионалните возачи од регионот го сметаат за директна закана за нивната егзистенција.
„Нашите возачи работат во Европската Унија, а се третираат како туристи“, вели координаторот на протестот, Мирко Ивановиќ. „Со правило што можеби е логично за приватни патувања, невозможно е да се извршува професионален меѓународен транспорт.“
Превозниците порачуваат дека протестите ќе продолжат без временско ограничување, сè додека не се најде одржливо решение. Един Чаушевиќ, директор на компанијата „Фригошпед Жепче“ и член на Управниот одбор на Логистичкиот конзорциум на БиХ, вели дека оваа борба трае со години, но дека состојбата драстично се влошила со засилената примена на правилата за престој во Шенген зоната.
Во меѓувреме, поддршка за протестите дојде и од институциите. Министерот за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Един Форто, изјави дека го разбира незадоволството на транспортерите.
„Ова не се луѓе што молат, туку луѓе што бараат право на работа. Решението може да дојде само преку заедничко институционално дејствување кон Европската комисија и земјите-членки на ЕУ“, истакна Форто.
Како што пишува Блиц РС, претседателот на Бизнис асоцијацијата „Меѓународен транспорт“, Неџо Мандиќ, предупредува дека ситуацијата дополнително ескалирала поради апсењата и депортациите на возачи.
„За само седум дена, девет српски возачи беа уапсени и депортирани. Камионите останаа на граница, а од нас се бара да испратиме нови возачи – кои исто така веќе ги имаат исцрпено своите 90 дена“, вели Мандиќ.
Тој нагласува дека професионалниот возач не може да се споредува со турист.
„Возачот го поминува првиот, последниот и секој работен ден во Шенген. Тоа не е престој, тоа е работа. Со 90 дена не можете да заработите плата, ниту компанијата може да опстане.“
Мандиќ ги отфрла тврдењата дека превозниците намерно ги блокираат границите.
„Камионите се натоварени и подготвени да тргнат. Но без гаранција дека возачите нема да бидат уапсени, никој одговорен работодавач нема да ги испрати на пат. Ова не е наша блокада, ова е последица од неприменливо правило“, порачува тој.
Според него, пораката што моментално им се испраќа на превозниците од Балканот е загрижувачка: или да ги затворат компаниите, или да ги преселат во ЕУ.
Превозничките здруженија тврдат дека решението не е комплицирано: изедначување на балканските возачи со европските, зголемување на дозволениот број денови за работен престој, или воведување професионални повеќегодишни визи со повеќекратни влезови.
До тогаш, пораката од граничните премини е јасна – камионите ќе стојат.
„Ако треба три дена, ќе стоиме три дена. Ако треба три месеци – ќе стоиме три месеци“, вели Мандиќ, додавајќи дека безбедноста на возачите е црвената линија.
(Фото: архива, Vasyatka1, Wikimedia)
Аналитика








