
Земјите членки на Европската Унија едногласно усвоија регулатива со која официјално започнува постепеното укинување на увозот на руски гас, и преку цевководи и во форма на течен природен гас, означувајќи историски пресврт во европската енергетска политика. Со оваа одлука, ЕУ прави решителен чекор кон целосно напуштање на зависноста од руските енергетски извори и кон зајакнување на сопствената енергетска безбедност и автономија.
Како што соопшти Советот на ЕУ, регулативата претставува клучна алка во спроведувањето на планот REPowerEU, кој беше усвоен по почетокот на руската агресија врз Украина, со цел што побрзо да се стави крај на увозот на руски фосилни горива. Според кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија, Мајкл Дамианос, со оваа одлука енергетскиот пазар на Унијата станува „посилен, поотпорен и поразновиден“, а ЕУ се оддалечува од, како што рече, „штетната зависност од рускиот гас“, градејќи автономна енергетска унија врз основа на солидарност и соработка.
Регулативата предвидува забраната за увоз на руски гас да започне да се применува шест недели по нејзиното стапување во сила, при што постојните договори ќе имаат преоден период за да се избегнат шокови врз цените и енергетските пазари. Целосната забрана за увоз на течен природен гас ќе стапи на сила на почетокот на 2027 година, додека увозот на руски гас преку цевководи ќе биде целосно укинат од есента истата година.
Новите правила воведуваат и засилен систем на контрола и мониторинг. Земјите членки ќе бидат обврзани, пред да одобрат каков било увоз на гас, да ја потврдат земјата на производство, а не само трасата по која се испорачува енергијата. Компаниите ќе мора да ги известуваат националните власти и Европската комисија за сите преостанати договори за руски гас, со цел навремено планирање на заменските извори.
Непочитувањето на регулативата ќе носи строги финансиски санкции, кои за физички лица можат да достигнат најмалку 2,5 милиони евра, а за компании најмалку 40 милиони евра, или до 3,5 проценти од нивниот вкупен годишен светски промет, односно до 300 проценти од вредноста на спорните трансакции.
До 1 март 2026 година, сите земји членки ќе мора да изработат национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас и да ги идентификуваат потенцијалните ризици и предизвици поврзани со замената на рускиот гас. Земјите кои сè уште увезуваат руска нафта ќе бидат обврзани да поднесат и посебни планови за диверзификација и во овој сегмент.
Регулативата предвидува и механизам за итни случаи. Доколку биде прогласена вонредна состојба и доколку безбедноста на снабдувањето со енергија е сериозно загрозена во една или повеќе земји, Европската комисија ќе може привремено да ја суспендира забраната за увоз на руски гас за период до четири недели.
Одлуката доаѓа во момент кога, иако увозот на руска нафта во ЕУ е намален на под 3 проценти благодарение на постојните санкции, рускиот гас сè уште учествува со околу 13 проценти во вкупниот увоз на Унијата во 2025 година, со вредност од над 15 милијарди евра годишно. Европските институции оценуваат дека ова претставува сериозен ризик за трговската и енергетската безбедност на ЕУ, ризик што со новата регулатива треба трајно да биде надминат.
Регулативата ќе биде објавена во Службениот весник на Европската унија, ќе стапи на сила еден ден по објавувањето и ќе се применува директно во сите земји членки. Европската комисија, во меѓувреме, најави дека ќе предложи и посебен закон за целосно укинување на увозот на руска нафта до крајот на 2027 година.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








