
Вештачката интелигенција веќе не е тема на иднината, туку реалност што директно го менува начинот на кој компаниите работат, растат и се натпреваруваат. Од класични дигитални алатки, фокусот сè повеќе се поместува кон интелигентни агенти и длабока автоматизација што носат мерливи резултати и директно влијание врз бизнисот.
За тоа каде се наоѓа регионот во оваа глобална AI трка, колку се подготвени компаниите за вистинска AI-придвижена трансформација и што значи тоа во пракса, ПАРИ разговараше со Ведран Бајер, генерален менаџер на Wonderful AI за Адриа регионот, кој неодамна беше панелист на конференцијата The Economist MeetUp The World Ahead 2026, што се одржа во Скопје минатиот месец.
ПАРИ: Wonderful AI доаѓа со модел на интелигентни агенти и длабока автоматизација. Каде е, според Вас, регионот во оваа приказна – дали компаниите тука се подготвени да преминат од класични дигитални алатки кон вистински AI-придвижена автоматизација?
БАЈЕР: Технологијата никогаш досега не напредувала со ваква брзина. Тоа со што денес се занимаваме можеби на прв поглед изгледа комплексно, но суштината е јасна – работиме со AI агенти кои се однесуваат како да имате човек од другата страна. Тоа директно ја зголемува ефикасноста, го скратува времето на одговор и овозможува значително подобар customer service. Ова е и нашиот прв конкретен use case.
Ние ги започнавме операции во регионот пред три месеци. Компанијата постои 11 месеци, што значи дека сме исклучително млади. И покрај тоа, во моментов работиме на голем број интеграции, затоа што компаниите многу јасно препознаваат дека тоа што го нудиме им е потребно. Причините се повеќеслојни: влијание врз топ-лајн, влијание врз ботом-лајн, но и проблемите кои постојат и во регионот и глобално, а тоа е недостатокот на човечки талент.
Затоа, одговорот на прашањето дали компаниите се подготвени е – и да и не. Не, затоа што е клучно да се разбере дека AI не е алатка. Таа не функционира како другите алатки што ги користиме во секојдневието. Таа е нешто што компаниите мора да го применат и вертикално и хоризонтално, на сите нивоа. И не станува збор за тоа дали постои стратегија, туку каква е стратегијата. Работите се движат толку брзо што, како што често велиме: ако јас почнам денес да градам нешто, а вие почнете утре – никогаш нема да ме стигнете.
ПАРИ: Истражувањата покажуваат дека лидерите во AI вложуваат до 70% од ресурсите не во алгоритми, туку во луѓе и процеси. Од Вашата перспектива, дали компаниите навистина разбираат што значи да се интегрира AI во бизнис модел и процеси, а не само да се ‘додаде како функција’ на постоечки систем?
БАЈЕР: Мислам дека дел од компаниите сè уште не го разбираат целосно тоа. И токму тука се појавува најголемата разлика. AI не е нешто што едноставно се „додава“ како уште една функционалност во постоечки систем. Тоа е начин на размислување и начин на функционирање.
Ние имаме апсолутно јасна визија за тоа што сакаме да направиме и сме силно фокусирани на брзината. Зошто? Затоа што светот се движи неверојатно брзо и компаниите што ќе се обидат да ја имплементираат AI постепено, без вистинска интеграција во бизнис моделот и процесите, многу брзо ќе заостанат. Ако сакаме да се движиме експоненцијално, тогаш мора да почнеме денес – не утре.
Затоа постојано велам: потребно е веднаш да се почне со експериментирање, па дури и со грешење. Тоа не значи хаотичен пристап, туку практично учење во реални процеси. Дури и ако напредокот оди чекор по чекор, најважно е AI да се вгради во секојдневното работење.

Ова не е предизвик само за Македонија, туку за целиот регион и пошироко. Сè уште постои менталитет дека учењето завршува со факултет или со формалното образование. Но денес, времето потребно за совладување нови вештини драстично се скратува, а знаењето мора постојано да се надградува. Мојата порака е: „Има книги, има знаење, ако сакате. Особено за AI и нејзиното влијание врз нашиот живот, не само врз бизнисот“.
Прашањето за компаниите не е дали да интегрираат AI, туку колку брзо ќе ја прифатат како суштински дел од нивниот бизнис модел и процеси.
ПАРИ: AI е предмет и на ентузијазам и на страв; од митови дека ќе ги замени сите работни места, до очекувања дека магично ќе ги реши сите проблеми. Во таков шум, компаниите често се блокирани помеѓу претеран оптимизам и претеран скептицизам. Кои се најголемите митови за AI што ги слушате кај компаниите во регионот и како ги разбивате? Има ли недоверба?
БАЈЕР: Тука се во прашање три работи и тие не се нужно поврзани само со регионот.
Првата е влијанието врз човечките ресурси. Постои широко распространет страв дека AI ќе им ги одземе работните места на луѓето, што е апсолутно погрешно. Она што AI навистина го прави е тоа што ги прави луѓето помоќни и подобри во нивната работа. Ако не знаете како да ја користите, тогаш имате проблем. Нашиот фокус не е да ги замениме луѓето, туку да им овозможиме раст. Замислете ја AI како ЛЕД-лампа во Македонија: сите можат да ја користат, а сепак има луѓе кои и понатаму одат со свеќа. Тоа е разликата.
Втората работа е времето за имплементација. Често се мисли дека имплементацијата на AI мора да трае долго. Во реалноста, таа може да биде неверојатно брза – толку брза што понекогаш и самите компании застануваат и велат: „Чекајте, и за нас ова оди премногу брзо.“ Проблемот најчесто не е во технологијата, туку во фактот дека, како што спомнав и претходно, премногу се стратегизира околу тоа што треба да се направи. Ако е јасно што е целта, ако се знае кој е најголемиот проблем и ако се постави прашањето како AI може да го реши – одговорот веќе постои.
И третата работа е прашањето дали ова е AI меур, (AI bubble). За тоа многу се зборува, често и се шпекулира, но реалноста најдобро се гледа низ резултатите.
Во последните десет месеци Wonderful AI подигна две рунди на капитал – 34 милиони долари по 5 месеци и 100 милиони долари по 10 месеци. Овие бројки не се резултат на добра презентација или убави зборови, туку на конкретни резултати и на вредноста што ја испорачуваме. Компаниите со кои работиме добиваат висок квалитет и исклучително висок поврат на инвестиција – со непосредно и мерливо влијание. Во AI нема простор за илузии: или носи реална вредност, или не опстојува. И токму затоа, иднината нема да им припадне на оние што само зборуваат за AI, туку на оние што навреме ќе ја разберат и ќе почнат да ја применуваат.
Р.П.
Аналитика








