ПОВЕЌЕ

    Горивото и ѓубривата ги поевтинија земјоделските производи

    Време зa читање: 4 минути

    Иако по пазарењето обично коментарот на сите нас е дека цените на земјоделските производи се зголемени, Државниот завод за статистика јасно покажува дека тие во декември 2025 година биле пониски за 4,7 насто во однос на декември 2024 година. Овие цени се однесуваат на продажните цени од самите производители на кои, пак, влезните трошоци им биле пониски за 1,1 насто. Значи, производителите на земјоделски производи одлучиле да попуштат повеќе од намалениот трошок.

    „Пари“ ги анализираше податоците од Државниот завод за статистика и побара одговори на што се должи намалувањето на влезните трошоци, а на што намалувањето на излезната цена?

    ВЕТЕРИНАРНИТЕ УСЛУГИ ИМААТ НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ЦЕНИТЕ

    Намалувањето на трошоците во ставката енергија, горива и мазива за 8,7 насто и на минералните ѓубрива за 2,2 насто ја завршиле целата работа за да има пад на влезните трошоци за земјоделското производство, иако сите други трошоци покажуваат зголемување. За една година се зголемиле цените на семињата за 1,9 насто, на заштитните средства за 2,8 насто, на ветеринарните услуги за дури 23,1 насто.

    Промена на цени кај влезните трошоци во земјоделското производство

    Извор: Државен завод за статистика

    ЗЕЛЕНЧУКОТ ЗА ЕДНА ГОДИНА ИЗГУБИ ЕДНА ПЕТТИНА ОД ЦЕНАТА

    Кога се анализираат излезните цени, односно оние цени по кои земјоделците ги продале производите од нива, или на откупни пунктови, има производи на кои им се зголемиле цените, а има такви на кои им се намалиле. Затоа и субјективно е чувството за тоа колкави се цените на земјоделските производи на пазарите. Ако некој сака компири, но не и друг зеленчук, ќе има чувство дека сега поскапо пазари. Реално, тоа е и така – цената на компирите за една година се зголемила за 6,7 насто, но на зеленчукот се намалила за 22,7 насто. Всушност, цените на зеленчукот најмногу се намалиле и тој за една година загубил повеќе од петтина од својата цена!

    Промена на излезни цени кај земјоделските производителиИзвор: Државен завод за статистика

    Ова се цени по кои се откупуваат земјоделските производи на големо од земјоделскиот сектор. Земјоделците обично знаат да кажат дека трговците им го јадат кајмакот, па затоа на пазарите може да има и поинакво движење во однос на растот на цените, во зависност од понудата и побарувачката на одделни земјоделски производи.

    ЗА ПЕТ ГОДИНИ ТРОШОЦИТЕ СЕ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА 41,7 НАСТО, А ЦЕНИТЕ ЗА 22,9 НАСТО

    Во однос на 2020 година, кога почна короната и откога некако сè што се случува се дели на „пред и потоа“, влезните трошоци за земјоделското производство се зголемиле за 41,7 насто, додека излезните цени бележат раст од 22,9 насто, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во овој период се зголемиле трошоците за згради за 81,2 насто, но најзначаен е растот на цените од 72,4 насто во ставката енергија, горива и мазива. Овој раст е ублажен со падот на цените на горивото што го користат тракторите и друга механизација во 2025 година во однос на 2024 година – ставка што, всушност, го поевтини целото производство во декември 2025 во однос на декември 2024 година.

    Ако 2020 година се земе како базна со индекс 100, раст на цените од 64,9 насто има и кај ставката ветеринарни услуги, минерални ѓубрива за 40,1 насто, машини и опрема за 39,5 насто, добиточна храна за 30 насто, семиња за 6,1 насто. Нема ставка што била во мирување или забележала намалување.

    Кај цените на земјоделските производители, и покрај тоа што се зголемиле сите трошоци во однос на базната 2020 година, зеленчукот оттогаш е поевтин за 14,5 насто! Сите други цени имаат раст. Најголем е растот за 67,2 насто кај компирот. Житата и оризот, земјоделците ги давале за 30,2 насто повисока цена, а овошјето и грозјето за 60,6 насто.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично