ПОВЕЌЕ

    Акцијата на Тиквеш со најголем раст, Либерти повторно со најголем годишен пад на Берзата

    Време зa читање: 2 минути

    Акцијата на кавадаречката винарија Тиквеш минатата година постигнала најголем процентуален раст на вредноста. Листата на акциите со најголем пад ја предводи Либерти. Веќе втора година по ред.

    За една година акцијата на ВВ Тиквеш Кавадарци зајакнала за 48,02 насто. На 30 декември 2024 година имала просечна вредност од 6.500 денари, а на истиот датум лани 9.621 денар.

    Со процентот на зголемување од 45,45 насто, Адинг Скопје ја зазема втората позиција. Цената достигнала просечни 2.400 денари, откако претходно изнесувала 1.650 денари.

    Позитивната листа продолжува со Фустеларко Борец Битола, чијашто акција има додадена вредност од 28,51 насто. Преклани чинела 2.101 денар, а лани го достигнала просекот од 2.700 денари.

    Кај акцијата на Титан УСЈЕ е регистрирана годишна промена од плус 27 насто. Акцијата што вредела 37.000 на крајот од 2024, ја завршила 2025 година со просечни 46.990 денари.

    Акцијата на банката што доби нов сопственик и од Стопанска банка Битола се преименува во АЛТА банка Битола, е посилна за 25,90 насто. Има просечна вредност од 3.777 денари, за разлика од претходните 3.000 денари.

    Во годишната статистика на Македонска берза за акциите со најголем пад вторпат се појавува Либерти Скопје. Просечната цена на акцијата се сведе на од 16 на 6 денари, откако изгуби 62,50 отсто од вредноста. И во 2024 беше прва на оваа листа (-65,22 %).

    Со негатива од 19,30 проценти е акцијата на Тетекс Тетово. Падот е од 2.850 на 2.300 денари.

    За 19 денари е намалена просечната цена на Фруктал МАК Скопје, со заокружен просек од 100 денари. Изразено во проценти, тоа значи минус од 15,97 отсто.

    Следуваат две акции, градежна и банкарска, што се рангирани меѓу десетте најтргувани.

    Вредноста на акцијата издадена од Гранит Скопје опаднала за 15,54 отсто. Од 1.859 на 1.570,03 денари.

    Акцијата на ТТК Банка ја заокружила годината на нивото од 1.650 денари. Преклани просекот бил 1.950 денари, а падот е измерен со 15,38 проценти.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично