
Во поткастот „Каде се парите?“ на електронскиот медиум pari.com.mk, чии учесници беа Никола Мемов, директор на Фондот за ПИО и проф. д-р Лазар Јовевски, советник на премиерот за труд и социјална политика, беа изнесени ставови во врска со линеарното зголемување на пензиите со кои:
- се создава впечаток дека законското усогласување е политичко дискрециона одлука, а не строго нормативна категорија;
- се врши претходно влијание врз јавноста и индиректно врз Уставниот суд, преку тврдења дека „нѐ очекува одлука за неуставност“ и дека решението е „апсолутно правично и праведно“.
Од тие причини, изнесените ставови, иако легитимни како политички или лични мислења, заслужуваат дополнително појаснување во интерес на јавноста и правната сигурност.
1. За тврдењето дека зголемувањето на пензиите е „политичка одлука“ и изборно ветување
Неспорно е дека Владата, како носител на извршната власт, има политички простор да предлага политики во областа на социјалната заштита. Меѓутоа, политичката природа на една одлука не ја иззема од уставно-правна контрола.
Во уставен систем заснован на владеење на правото:
- секое законско решение мора да има легитимна цел,
- да биде рационално и оправдано, и
- да биде пропорционално во однос на средствата што ги користи.
Фактот дека мерката произлегува од изборно ветување не може да биде аргумент за нејзина уставност. Напротив, Уставот претставува лимит на политичката волја, а не нејзина последица.
2. За изнесените ставови: „вкупниот буџет за пензии е ист“, „сите добиваат линеарно 1.000 денари“, „ова усогласување е помеѓу 4 и 5%“
Тие се суштински проблематични, затоа што:
- Законот за ПИО не предвидува усогласување со „вкупен буџет“ или со „линеарна сума“, туку со јасно утврден модел со формула (процентуално усогласување врз основа на раст на трошоците на живот и/или плати);
- „ист буџет“ ≠ „ист правен третман“;
- линеарното зголемување по дефиниција има различен ефект врз различни пензии, што е спротивно на логиката на усогласување како заштита на реалната вредност на пензијата.
3. За тезата дека „пензискиот систем не е економска категорија“
Таа е правно неодржлива и е особено проблематична изјава. Пензискиот систем е:
- социјална,
- економска,
- осигурителна и
- правна категорија истовремено.
Самата законска конструкција (придонеси, стаж, основица, формула, усогласување) е економско-правен модел, а праксата го третира пензискиот систем како економски однос под уставна заштита на имотот и еднаквоста.
Со сведување на системот исклучиво на „социјално-солидарен“:
- се игнорира придонесната логика што постои до моментот на пензионирање,
- но и ефектите по пензионирањето, бидејќи усогласувањето влијае на реалната вредност на стекнатото право.
Законот:
- не предвидува можност за линеарно зголемување по фиксен износ,
- не предвидува усогласување врз основа на „вкупен буџет“,
- не предвидува усогласување по пат на политичка или управна проценка.
Оттука, јавните тврдења дека „вкупниот буџет е ист“ и дека „сите добиваат по 1.000 денари“ не можат да бидат правно оправдување за отстапување од законскиот модел.
4. „Лично размислување“ не смее да биде основ за управување со Фонд, особено проблематичен е делот: „Ова е мое лично размислување… разликите во пензиите завршуваат со денот на решението“
Фондот на ПИОМ не се управува врз основа на лични уверувања туку со строго и формално спроведување на Законот кој не познава концепт на „прекинување на значењето на придонесите“ по пензионирањето, туку напротив усогласувањето е механизам за заштита на веќе стекнатото право во неговата реална вредност.
Усогласувањето на пензиите е строго законска, а не дискрециона категорија, согласно Законот усогласувањето на пензиите претставува јасно уреден правен институт, со однапред утврден модел и параметри.
5. За солидарната компонента – што значи, а што НЕ значи
Точно е дека пензискиот систем во Република Северна Македонија има солидарна компонента, што произлегува од член 1 и член 2 од Законот за ПИОМ, каде системот е дефиниран како задолжително, тековно финансирано пензиско осигурување.
Меѓутоа, солидарноста во системот се манифестира:
- во фазата на финансирање, преку меѓугенерациска солидарност (активни осигуреници → пензионери);
- во постоењето на минимална пензија, како заштитен социјален минимум;
- во државната гаранција за исплата, дури и кога придонесите не се доволни.
Она што солидарноста не значи, и што Законот никаде не го предвидува, е:
- дека по стекнувањето на правото на пензија придонесниот елемент престанува да има значење;
- дека разликите меѓу пензиите смеат да се „израмнуваат“ преку усогласувањето;
- дека усогласувањето може да се користи како инструмент за редистрибуција.
6. За тврдењето дека „ценовните шокови се исти за сите“
Овој став е правно проблематичен и концепциски погрешен.
Пензискиот систем во Република Северна Македонија е:
- систем заснован на задолжително социјално осигурување,
- со јасна еквивалентност меѓу придонесите и правото на пензија.
Фактот дека пензијата еднаш е утврдена не значи дека државата може произволно да ја релативизира таа еквивалентност во иднина. Напротив:
- усогласувањето на пензиите е продолжение на заштитата на стекнатото право,
- а не нова социјална помош независна од претходниот придонес.
Аргументот дека „инфлацијата е иста за сите“ е економски точен, но правно недоволен.
Уставното начело на еднаквост не значи апсолутна еднаквост, туку: еднакво постапување кон еднакви ситуации и различно постапување кога постојат релевантни разлики.
7. За Законот со кој сите пензии се зголемени еднакво, со цел „социјална правда“
Република Северна Македонија е социјална држава, но:
- социјалната држава не смее да го укине или разгради осигурителниот карактер на пензискиот систем,
- ниту да го трансформира пензиското осигурување во прикриен систем на социјална помош.
Намалувањето на социјалните разлики е легитимна цел, но таа цел мора да се постигнува со соодветни инструменти, како што се:
- социјални додатоци,
- минимална загарантирана пензија,
- посебни трансфери од Буџетот,
а не преку деформација на системот на усогласување на пензиите, кој по дефиниција треба да го штити стекнатото право, а не да го релативизира.
8. За целта да се намали разликата меѓу највисоките и најниските пензии
Самото постоење на разлика меѓу пензиите не е уставно сомнително, туку е:
- природна последица на различен работен стаж, различни плати и различни уплатени придонеси.
Ако државата сака да интервенира заради социјална кохезија, таа:
- мора да покаже дека не постои поблага мерка за постигнување на истата цел,
- и дека товарот не паѓа непропорционално врз една група пензионери.
Линеарното зголемување токму тоа го прави – го префрла товарот врз пензионерите со повисоки, но законски стекнати пензии, без индивидуална проценка и без јасни критериуми.
9. За тврдењето дека пензионерите и Сојузот на здружение на пензионери се тие што барале линеарно зголемување
Извршниот одбор на СЗП http://szpm.org.mk/mak/zapis.asp?id=1417 усвоил мислење на седница на 9.8.2025 3. Линеарното зголемување на пензиите не е утврдено како трајно системско усогласување во Законот за пензиското и инвалидското осигурување како што истакнува група на пензионери што протестира и тоа не е став и мислење на Здруженијата на пензионери – членки на Сојузот. Со линеарното усогласување на пензиите се изврши поделба на пензионерите спротиставувајќи ги нивните лични интереси, што не е цел на ниеден пензиски систем, а во врска со иницијативата до Уставниот суд смета дека Уставниот суд ќе ги има предвид принципите на пензиското и инвалидското осигурување со цел заштита на пензијата како лично, материјално и неотуѓиво право, а со цел спречување на поделба на пензионерите.
И партијата на пензионери https://ppenzioneri.mk/stav-na-partija-na-penzioneri/ го изнесува својот став: предлогот пензиите да се усогласуваат линеарно го сметаме за дискриминирачки кон поголем број на пензионери и закана за нарушување на пензискиот систем, кој се надоградува повеќе од 80 години.
10. За повикувањето на примерот од Словенија
Повиците на странска пракса се релевантни само доколку се точни и контекстуализирани, што во овој случај не е. Тврдењето дека во Словенија пензиите се усогласуваат со „различен процент зависно од висината на пензијата“ не одговара на официјалните правила.
Во пракса (Zakon o pokojninskem in invalidskem zavarovanju – ZPIZ, член 105 и 106).
- Усогласувањето на пензиите има за цел да ја зачува нивната вредност
- Пензиите се индексираат по унифицирана формула која важи за сите;
- Нема прогресивни/регресивни процентуални групи (на пр. помал процент за повисоки пензии и поголем за пониски).
Во словенечкиот систем интервенциите во корист на најниските пензии се спроведуваат преку целни механизми, често како додатоци или корективи, а не како универзално линеарно зголемување што ја менува структурата на целиот систем.
11. За фактот дека линеарното зголемување на пензиите го плаќаат сите граѓани, а на кое учесниците не дадоа адекватен одговор
Линеарното зголемување на пензиите драстично го зголеми дефицитот на Фондот на ПИОМ што е причина за:
- Продлабочување на зависноста од Буџетот на државата со што Фондот престанува да биде осигурителен фонд, и се трансформира во буџетска исплатна агенција, што е спротивно на неговата законска улога.
- Меѓугенерациска неправичност. Зголемувањето на задолжувањето на ПИОМ има директен ефект врз сегашните вработени и идните генерации осигуреници. Тие ќе плаќаат придонеси во систем чија финансиска рамнотежа е нарушена, без разумна гаранција дека нивните идни пензии ќе го следат истиот раст. .Ова создава меѓугенерациски трансфер на товар, што е спротивно на принципот на правичност и доверба во системот.
- Ризик за идни усогласувања и права. Кога еднаш се создаде толку голем фискален товар идните влади ќе бидат принудени да замрзнуваат усогласувања, менуваат формули, или повторно да интервенираат со ад хок решенија.
Фискалната неодржливост не е само економски проблем, туку уставно релевантна категорија, бидејќи државата има обврска да обезбеди стабилен и долгорочно одржлив систем на социјално осигурување.
Суштинското прашање, затоа, не е дали државата треба да им помогне на пензионерите, туку дали избраната мерка е уставно оправдана, правно прецизна и системски одржлива. Во правна држава, социјалната чувствителност и правната сигурност мора да се надополнуваат, а не да се исклучуваат.
Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија
Аналитика








