
ЕДС е првиот домашен трговец со електрична енергија, кој со текот на времето стана водечки партнер на бизнисите во совладувањето на енергетските предизвици. Нудат прилагодени оптимални решенија и воведуваат иновации во оваа област, при што како предност се смета тоа што компанијата е дел од реномираната групација PPC. Нашата цел е да обезбедиме поголема вредност за секој клиент преку сигурност, иновации и одговорност, нагласува во интервјуто за порталот Пари главниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски.
ПАРИ: Повеќе од една година сте главен извршен директор на ЕДС, еден од водечките снабдувачи со струја во земјава. Што беше првото нешто што сакавте да го промените кога стапивте на таа функција?
САРЏОВСКИ: Првиот приоритет беше зајакнување на внатрешната структура и процесите ‒ со јасен фокус на клиентите и податоците. Сакав да го поставиме ЕДС како модерен снабдувач кој не продава само струја, туку нуди вредност и сигурност. Воведовме нов систем за управување со податоци и пазарна анализа, што ни овозможува да носиме побрзи и попрецизни одлуки. Во текот на оваа година интензивно ја искористивме интеграцијата со PPC Group, најголемата енергетска компанија во Југоисточна Европа, го користиме нивното искуство и знаење со цел да создадеме подобри понуди за нашите клиенти.
ПАРИ: Што конкретно има ЕДС во својата понуда за компаниите во моментов?
САРЏОВСКИ: Нови тарифни модели коишто овозможуваат избор меѓу фиксна и индексна цена, прилагодена на динамиката на потрошувачката, како и зелени пакети со можност за добивање сертификати за потекло на енергијата од обновливи извори. За првпат на пазарот клиентите на ЕДС можат да ја докажат одржливоста на своето работење преку активирани сертификати. Дополнително, воведовме промотивна понуда со подарок машина за еспресо за секој нов или обновен договор – симболичен потсетник дека енергијата може да значи и уживање. Исклучително сме задоволни од
заинтересираноста на компаниите, особено на малите и средни бизниси, па затоа и ја продолжуваме и во наредниот период до средината на јануари.
ПАРИ: Каква е вашата визија за развојот на ЕДС, особено со оглед на плановите на PPC Group во регионот?
САРЏОВСКИ: Како дел од PPC Group имаме стратегиски пристап кон зелени извори, дигитализација и интерконекција на пазарите. Нашата цел е да обезбедиме поголема вредност за секој клиент преку сигурност, иновации и одговорност. Преку стабилни комерцијални договори и зголемено портфолио на клиенти ЕДС придонесува со раст на приходите и пазарниот удел. Нашата локална експертиза и релациите со компаниите во земјата се важен столб во регионалната стратегија на PPC. Истовремено, преку иновативни проекти и оптимизација на снабдувањето ја зголемуваме ефикасноста и профитабилноста на групацијата. Особено сме горди што сме дел од PPC и успехот што го бележи групацијата изминативе години. Неодамна беа објавени финансиските резултати за првите девет месеци од годинава, кои покажаа силни резултати. PPC во овој период реализираше инвестиции во вредност од 1,9 милијарди евра, од кои 88 насто во обновливи извори на енергија, флексибилно производство и дистрибуција. Инсталираниот капацитет на ОИЕ се зголеми на 6,4 GW, со проекти од 3,9 GW и на добар пат е за исполнување на прилагодената цел за EBITDA од 2 милијарди евра во 2025 година.

ПАРИ: Како го гледате развојот на дигитални решенија кај компаниите, во контекст на PPC како PowerTech?
САРЏОВСКИ: Дигитализацијата е следниот голем чекор ‒ од предвидување на потрошувачката до автоматско управување со трошоците. Новата веб-страница на ЕДС и системот за клиентски пристап се првите примери за тоа. Целта е да создадеме паметен интерфејс каде што клиентот може да ги следи податоците, да добива предлози и да управува со договорите онлајн. И во оваа насока го следиме патот што го води нашата матична компанија PPC, која интензивно инвестира во дигитални решенија и иновации. Само пред една недела во Атина се одржа 8 комерцијална конференција на PPC под мотото „Една визија“, каде што беа најавени нови дигитални услуги и производи што компанијата ќе ги понуди во 2026 година, како што се персонализирани дигитални апликации, личен асистент со вештачка интелигенција, новиот дигитален асистент на PPC за насочени информации и лесно решавање проблеми, нов модел на деловни услуги преку дигиталната B2B-платформа, PPC Fiber: збогатен со гласовна услуга, дигитално решение за управување со згради, финансиско управување, известувања, техничка поддршка и „коуч за градење“. Сето ова ја потврдува нашата јасна насока ‒ да се оддалечиме од улогата на традиционален добавувач и да станеме дигитален енергетски партнер што на нашите клиенти им испорачува едноставност, ефикасност и долгорочна вредност.
ПАРИ: Корисниците бараат повеќе од цена ‒ анализа, предвидување, оптимизација. Како ЕДС одговара на тоа?
САРЏОВСКИ: Континуирано ги анализираме потребите на нашите клиенти, но и на останатите компании на пазарот. ЕДС има одличен експертски тим кој ги следи трендовите на пазарот и подготвува одлични решенија за тоа што го детектираме како потреба или предизвик кај бизнис-секторот. Нудиме аналитички пристап и персонализирани решенија базирани на податоци за потрошувачка.
Работиме на енергетски советодавни услуги коишто ќе им помогнат на клиентите да ја зголемат ефикасноста. Преку комбинирање на снабдување и зелени сертификати им даваме на клиентите мерлива предност во нивните ESG-извештаи.
ПАРИ: Кои три стратегиски чекори ќе го дефинираат ЕДС следната година?
САРЏОВСКИ: Она што ни е високо на агендата за следната година е зацврстување на нашата позиција како водечки снабдувач со електрична енергија и зголемување на нашиот пазарен удел. Продлабочување на дигитализацијата – автоматизирани решенија за клиенти и онлајн платформа за управување со договори. Унапредување на зеленото портфолио – снабдување со гаранции за потекло и партнерства во рамки на енергетската транзиција. Сите наши стратегии се усогласени со стратегијата што и нашата мајка компанија ја промовираше неодамна на Capitals Market Day во Лондон. Во таа прилика главниот извршен директор на PPC, Георгиос Стасис, најави нов амбициозен план којшто има за цел да ја позиционира организацијата во првите редови на енергетската транзиција во Југоисточна Европа. Планот за следните три години се темели на успешниот интегриран деловен модел на групацијата и предвидува инвестиции од околу 10,1 милијарда евра во обновлива енергија, флексибилна генерација, проширување и модернизација на мрежата и услуги насочени кон клиентите низ Југоисточна Европа каде што, секако, се вбројуваат и клиентите на ЕДС. Сите деловни столбови се зајакнати со трансформативна моќ на вештачката интелигенција. Се очекува оваа траекторија на раст да доведе до EBITDA, која ќе надмине 2,9 милијарди евра до 2028 година.

ПАРИ: ЕДС важи за компанија со силна организациска култура. Што најмногу сакате да развивате кај вашиот тим?
САРЏОВСКИ: Најважно е да градиме одговорност, иницијатива и чувство на припадност. Во енергетиката резултатите зависат од тимска синергија – затоа фокусот е на постојана обука и знаење. Ги охрабрувам вработените да размислуваат како претприемачи – да гледаат можности, не проблеми. Верувам дека вредноста на една компанија се мери со тоа колку вработените веруваат во нејзината мисија.
Р.П.
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








