Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика малцинската влада на премиерот Росен Жељазков да поднесе оставка по масовните протести оваа недела против буџетот за 2026 година. И опозициските партии — Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (CC-DB)— најавуваат можност за ново барање за недоверба, и предупредуваат дека повлекувањето на буџетот не е доволно — бараат системски промени.
Сето ова се случува во критичен период за земјата — само неколку недели пред бугарското воведување на еврото (1 јануари 2026). Политичката нестабилност и загриженоста за економската сигурност ја зголемуваат неизвесноста околу тоа како ќе се одвива транзицијата.
Владата во вторникот го повлече буџетот, по националните демонстрации против планираните зголемувања на даноците за финансирање на повисоките трошоци. Ова е првиот буџет изготвен во евра пред земјата-членка на Европската унија да ја усвои валутата на 1 јануари.
И покрај повлекувањето на буџетот, луѓето не се задоволуваат само со тоа. Синоќа во Софија беа одржани нови демонстрации — повик за „оставка“ на Владата, со барањa за поголема транспарентност и исчитување на пошироки прашања: корупција, институционална одговорност, правна држава.
Протестите почнаа пред комплексот на институции — Претседателството и Советот на министри — но дел демонстранти подоцна се преселија кон центарот (т.н. „Триаголник на моќта“). Тие повикуваа „Мафија“ и „Оставка“ и држеа транспаренти со пораки против политичката елита.
Полицијата, пак, изврши проверки и прегледи — меѓу демонстрантите што дојдоа во мали групи и беа облечени во црно, пронајдени се и предмети како метални предмети и потенцијални експлозивни направи; полицајците спречуваа блокади на сообраќајот, но демонстрантите беа тргнати од патот на булеварот „Цар Ослободител“.
Со други зборови — атмосферата останува високо напната, со јасна јавна мобилизација за повеќе од едноставно откажување на буџетот, пишуваат денес бугарските медиуми.
Ако протестите стивнат, што е малку веројатно да се случи, владата сигурно ќе се обиде да се издржи. Пртставниците на власта објаснија дека нема да поднесат оставка поради еврото. Сепак, ако енергијата на протестот продолжи по празниците и продолжи да биде во големи размери, ова ќе биде јасен знак за владата и ќе ѝ биде многу тешко да се издржи. Ова го изјави социологот од „Тренд“ Евелина Славкова за бугарската Нова ТВ.
Според неа, и опозицијата и владата сметаат дека одењето на предвремени избори е ризично. „Всушност, демонстрациите веќе ги врзаа рацете на владејачката партија, за нив секоја акција или назначување ќе биде многу тешка. Според социолошките анкети, 2/3 од граѓаните многу силно ја чувствуваат инфлацијата и зголемувањето на цените – 64%. А само 3% велат дека не ја чувствуваат. Ова е акумулација на дополнителна социјална тензија и невралгична точка во текот на зимските месеци. Секако ќе се бара опција за оддалечување на Пеевски од власта за да не се иритираат луѓето. Сепак, тоа не значи дека „ДПС-Нов почеток“ нема да го поддржи. Политичарите признаа дека протестот не беше само за буџетот“, забележа Славкова.
Од своја страна, политикологот Димитар Аврамов смета дека кредитот за доверба во политичкото мнозинство е веќе исцрпен. „Талентот на владејачите да прават луди работи предизвика голем протест, кој ќе стане уште помасовен“, коментира тој.
Буџетската криза е најновиот знак за политичка нестабилност во балканската земја, која одржа седум избори за четири години, бидејќи се распаднаа низа слаби коалиции. Последните избори беа во октомври 2024 година, но парламентот го одобри кабинетот дури во јануари по месеци преговори. „На Бугарија ѝ е потребна вистинска промена што ќе доведе до владеење на правото и враќање на државноста, а тоа е нешто што сегашната владина коалиција не може да го постигне“, рече Радев во национално обраќање на државната телевизија БНТ во вторник вечерта.
Тој рече дека протестите во понеделник покажаа дека владата не успеала да ги исполни очекувањата на народот и треба веднаш да поднесе оставка.
(Фото: By Tourbillon – Own work, CC BY-SA 3.0)
Аналитика








