Владата е цврсто определена да ја имплементира Стратегијата за паметна специјализација на Македонија која ќе овозможи да изградиме општество базирано на знаења и иновации, а Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија останува наш најважен партнер во исполнувањето на целта. Благодарни сме за досегашната поддршка и ги прифаќаме сите сугестии за унапредување на идните политики поврзани со развој на науката и иновациите.
Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска на конференција за процесот на паметна специјализација на земјите од Западен Балкан, што денес се одржува во Брисел, во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, а каде таа ги презентираше досегашните резултати од спроведувањето на Акцискиот план 2024-2025 на Стратегијата за специјализација на државата.
„Акцискиот план за периодот 2024-2025 опфаќа 35 мерки и 63 активности со буџет од 6,1 милион евра. Министерството за образование и наука е вклучено во 31 активност, а според анализата, досега се реализирани над 80% од предвидените обврски“, рече Јаневска, додавајќи дека новиот акциски план за периодот 2026-2027 е во подготовка и во него ќе бидат интегрирани препораките на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК за зајакнувањето на финансиската одржливост, ангажманот на приватниот сектор и подобрување на механизмите за мониторинг и евалуација на Стратегијата за паметна специјализација.
Министерката рече дека оваа година Владата речиси двојно го зголеми буџетот за наука и истражувања споредбено со 2024 година, финансираше имплементација на проекти на јавните научни и високообразовни установи, на МАНУ и бизнис заедницата, кои се во тесна релација со целите од Стратегијата за паметна специјализација, како и дека е усвоен нов Закон за иновациска дејност, научно технолошки развој и претприемништво, врз основа на кој е основана и нова Национална агенција за иновации и претприемништво ИНОВА. Во процес на изработка се и нови закони за високо образование и за научно истражувачка дејност.
„Би сакала да ја споделам нашата неодамнешна национална иницијатива за воспоставување на Научно-технолошки парк, што претставува клучен стратешки приоритет за Владата. Целосно сме посветени на неговата успешна реализација и во моментов ја подготвуваме потребната документација во тесна соработка со сите релевантни засегнати страни. Планирано е имплементацијата на проектот да започне во 2026 година, означувајќи значајна пресвртница во унапредувањето на технолошкиот развој и иновациите во нашата земја“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека државата има одлична соработка со Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, со кого минатата година МОН потпиша меморандум за соработка, а лабораториите на Центарот станаа достапни за македонските научници и истражувачи. Рече дека следната година ќе биде објавен и повик за финансиска поддршка на научниците, за да се стимулира поголема искористеност на лабораториите.
На конференцијата, покрај министерката Јаневска, учествуваа и еврокомесарката за проширување Марта Кос, генералниот директор на JRC Бернард Магенхан, како и министри и претставници од земјите од Западен Балкан.
Аналитика








