ПОВЕЌЕ

    Не може процентуална задршка за придонеси, а линеарно зголемување на пензиите

    Време зa читање: 4 минути

    Интересно е давачките за придонеси да се погледнат во контекст на актуелната исплата на пензиите и од аспект на линеарното или процентуалното зголемување. Или, треба да се знае – ако пресметката се врши процентуално, тогаш и покачувањето треба да е процентуално. Ако се сопира линеарно, тогаш би било во ред и линеарното зголемување на пензиите, вели даночниот експерт Павле Гацов, кој предупредува на долгорочни последици.

    „Мислам дека се направи прилична дисторзија во пензискиот систем. Овој режим на долг рок секако го руши пензискиот систем. Државата треба да застане, да размисли дали сака да продолжи со ваквиот режим на зголемување. Се разбира, не сум против социјалната димензија кај пензиите, но не треба ова да се одвива преку придонесот, кој кажав, се прибира на пропорционален начин, односно според процентите на уплата, и така се исплаќа“, нагласи Гацов во изјавата за Пари.

    Токму за социјалните придонеси што се обезбедуваат од платите, Гацов неодамна на својот Фејсбук профил објави табела со податоци од кои се гледа како тоа се изведува кај нас, а како во државите од регионот. Споредбата покажува дека со своите вкупно 28 проценти, земјава е некаде на средината, најблиску до Албанија (27,9 %). Највисоките давачки од 41,5 проценти се практика во Федерацијата Босна и Херцеговина, додека најниските од само 10 проценти ги има Косово.

    „Се работи за социјален придонес поврзан со идни користи за вработените, осносно со остварување на пензија. Затоа е важно на кој начин ќе се прибираат, по кои стапки и според кои правила ќе се исплатуваат пензиите. Честопати во изјави на некои македонски бизнисмени се слуша дека ние имаме највисоки стапки за социјални придонеси, што е неточна информација. Имено, забораваат дека работодавачите освен што плаќаат како задршка од бруто-платата на вработените, плаќаат и на свој трошок дополнителен износ на социјален придонес, особено за пензиско осигурување. Така што во збир овие суми претставуваат товарење на работодавачот за социјален придонес по основ на пензиското осигурување“, појаснува Гацов.

    Од платите на вработените се издвојуваат 18,8 отсто за ПИО, 8 отсто за здравственото осигурување и 1,2 отсто како осигурување во случај на невработеност.

    „Ако стапката е повисока, тогаш нето-платата на вработениот би била помала. Затоа што пред да биде исплатена нето-платата, работодавачот пресметува, задржува и уплатува во корист на пензискиот фонд соодветна сума за придонеси“, вели Гацов.

    КОЛКУ ЛИНЕАРКИ СЕ ПОТРЕБНИ за да се поткрене пензионерскиот стандард?

    Притоа, додава: „Категоријата плата е пресметковна сума, од каде што се пресметува дополнителен придонес којшто не ги товари платите на вработените, туку ги товари трошоците на работодавачот. Тоа не го засега вработениот во смисла на намалување на нето-платата. Кај нас сѐ уште не се задржува социјален придонес од работодавачите“.

    Што се однесува до земјите од регионот, Црна Гора има умерен процент на вкупни давачки од 21,5 насто и модел со поделени обврски. На пример, од предвидените 20,5 проценти за ПИО, 15 отсто се покриваат од бруто-платите на вработените, а 5,5 отсто се од работодавачите. Всушност и во Србија, Албанија, Бугарија и ФБиХ придонесите се намируваат на тој начин, само што процените се различни.

    Македонскиот модел е најсличен со тој од Република Српска. Со таа разлика што таму давачките се повисоки и изнесуваат 32,8 проценти: 18,5 отсто се насочени кон ПИО, 12 отсто за здравство, 0,6 отсто за невработеност и 1,7 отсто за детска заштита. Сите овие проценти се одбиваат од бруто-платите на вработените.

    Го прашавме Гацов – според условите во Македонија, кој би бил најсоодветниот модел за пресметка на придонесите.

    „За да се одговори на тоа прашање, потребно е да се направи детална анализа. Тоа сме го правеле пред десетина години, но условите се многу променети. Пред сѐ, се промени демографската структура, има значајно иселување на младата популација, што на долг рок има импакт врз пензискиот систем. Потоа, се доближува тајмингот за исплата на делот од пензиите од капитално финансираниот пензиски фонд. И, за да се даде некаков одговор, требаат бројки. Бројките, се разбира, ги имаат овластените субјекти, претставниците на Фондот, на министерствата за финансии, за труд“.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично