ПОВЕЌЕ

    Со 21,9 милиони евра блок-трансакциите спречија пад на берзанскиот промет

    Време зa читање: 3 минути

    Повеќе од двојно зголемен промет, намалена активност на инвеститорите и мал пад на основниот индекс е исходот од случувањата на Македонска берза во октомври. Класичното тргување е во негативна фаза, за разлика од блок-трансакцииите, кои се и главниот двигател на растот на вкупниот промет. И во такви услови нема поголеми промени, редоследот на листата на најбарани акции е во вообичаената рамка.

    Вкупната пазарна капитализација на Берзата достигна 359,66 милијарди денари или 5,8 милијарди евра, што е за 0,86 насто повеќе во споредба со септември. Без оглед на намалениот број трансакции за 12,06 отсто (1.342), месечната промена кај прометот е +55,15 насто, а износот е 27,5 милиони евра. Тоа се должи на блок-трансакциите. Забележани се 27 (13 во септември), при што познати купувачи во акции вложиле околу 21,9 милиони евра, што е за високи 636,74 насто повеќе од претходниот месец. Доминантни се блоковите со акциите на Макпетрол (15), а забележливи се и Гранит и Македонијатурист.

    Со акциите, пак, на Комерцијална банка, кои редовно се најтргувани, постигнат е месечен промет од 2,48 милиони евра. Максималната цена достигнала 27.999 денари, минималната 27.131, а месецот е завршен со проесек од 27.544,76 денари. Имало 621 трансакција преку кои се купени 5.565 акциии. Учеството во вкупниот промет е со 44,67 отсто.

    Во 251 трансакција е извршена купопродажба на 2.046 фармацевтски акции, која резултира со износ од 852,6 илјади евра и во вкупниот берзански промет има удел од 15,31 отсто. Просечната цена на акцијата на Алкалоид е 25.679,07 денари. Највисоката октомвриска цена била 26.000, а најниската 25.000 денари.

    На средината од оваа листа е акцијата на Гранит. Преку 47 трансакции, во 27.970 акции се вложени 792,5 илјади евра. Во текот на месецот вредноста на градежната акција се движела од 1.680 до 1.786 денари, а просекот е 1.744,68 денари. Во вкупниот промет партиципира со 14,22 проценти.

    Меѓу најтргуваните, највисока е цената за акција на Макпетрол. Средната вредност е 117.020,84 денари. Под влијание на интересот за тргување, максимумот во октомври бил 120.000 денари, а минимумот се задржал на прагот од 116.000 денари. Забележани се 92 трансакции, 343 акции и износ од 650,9 илјади евра, кој од берзанскиот промет зафаќа 11,70 отсто.

    Како што почнува, така и завршува првата петорка – со банкарски акции. Со акциите на НЛБ Банка се регистрирани 48 трансакции, низ кои се истргувани 224 хартии од вредност за безмалку 209 илјади евра. Учеството во вкупниот промет е 3,75 отсто. Единечната цена за акција се движела од 57.000 до 57.800 денари, а просечната за октомври е 57.493,69 денари.

    Заедничкиот промет на овие пет акции е нешто под пет милиони евра, додека вкупно на официјалниот пазар е евидентирана сума од 5,6 милиони евра.

    Што се однесува до класичното тргување, овде е постигнат промет од 5,63 милиони евра (-1,78%). Прометот со акции е намален за 0,67 отсто со износ од 5,6 милиони евра, додека кај обврзниците е забележан драстичен пад од 68,14 отсто и сума од 30-на илјади евра. Просечниот дневен промет, во споредба со септември, опаднал за 6,24 отсто, а просечниот дневен број на трансакции за 15,28 отсто.

    Индексот МБИ10 бележи ниско негативно поместување од 0,47 проценти, завршувајќи го октомври со 10.298,27 поени.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично