ПОВЕЌЕ

    Осигурувањето е инвестиција, не е трошок

    Време зa читање: 7 минути

    Осигурителниот пазар во Македонија бележи континуиран и интензивен раст. Во првите шест месеци годинава вкупните вложувања на граѓани, комапнии и институции во осигурувањето достигнаа 9,5 милијарди денари, што претставува раст од 17,5 насто во споредба со истиот период во 2024 година. Вложувањата во осигурување живот годинава во споредба со лани се повисоки за  11 насто, а во осигурување неживот инвестициите се поголеми за 19 насто.

    Сумите, пак, за исплатените штети за првите шест месеци годинава изнесуваат 3,32 милијарди денари и се повисоки за 15,5 насто во споредба со претходната година.

    Кај неживотното, особено се издвојува имотното осигурување со раст од 60 насто, што директно се поврзува со градежниот бум присутен во земјава. Исто така, од 2018 година па наваму во подем е здравственото осигурување.

    По повод одбележувањето на Денот на осигурувањето во своето обраќање пред присутните гости од осигурителната индустрија од земјава и странство, пред претставници на финансиски регулатори и вработените во АСО м-р Ели Дракуловска, претседател на Советот на експерти на АСО истакна:
    „Паралелно со растот на вложувањата, односно растот на БПП расте и вредноста и бројот на исплатените штети во сегментите неживот и живот, што за нас како регулатор на пазарот за осигурување е од круцијална важност, односно е силен аргумент дека Агенцијата за супервизија на осигурување, како независно регулаторно тело, преку своите политики и супервизорски мерки значајно придонесува за солидна деловната клима во која расте осигурителниот пазар“.

    И дополни:

    „Како регулатор секогаш ја бираме превентивата пред санкциите. Наша цел е да бидеме партнери со Вас и заедно да постигнеме успех. Нашата визија се задоволни осигуреници, а нашата мисија се рамноправни услови и фер третман за сите осигурителни компании и воедно за сите учесници на осигурителниот пазар“.

    На свеченоста по повод одблежувањето на Денот на осигурувањето пред гостите се обратија и  Александар Рајчановски, директор на Националното биро за осигурување во својство на ко-организатор на настанот, а преку видео-порака се обрати и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

    Сепак, македонскиот пазар на осигурување и заостанува зад земјите од регионот. Степенот на пенетрација – односно учеството на осигурувањето во бруто-домашниот производ изнесува 1,62 проценти, што ја позиционира Македонија меѓу најслабо развиените пазари во Југоисточна Европа.

    Само Албанија и Косово со по еден насто имаат пониски вредности, додека останатите земји во регионот бележат подобри резултати. Во Босна и Херцеговина степенот на пенетрација изнесува 1,78, во Црна Гора 2,11, а во Србија 1,8 насто.

    Во поширокиот европски контекст, пазарите се значително поразвиени: Хрватска (2,13%), Естонија (1,74%), Полска (2,35%), Литванија (2,08%), Латвија (2,94%), Чешка (2,92%) и Словенија (5,06%).

    Овие и многу други податоци беа презентирани на настанот организиран од Агенцијата за супервизија на осигурувњето (АСО), по повод Меѓународниот ден на осигурувањето – 1 ноември.

    На овој ден е формирана АСО. Шеснаесетте години постоење и делотворно функционирање беа обележани со панел дискусии за трендовите и предизвиците во оваа област.

    Во тие рамки се дискутираше за резултатите постигнати на осигурителниот пазар, со фокус на идните трендови и иновации, како и новите предизвици. Оттука и произлезе мислењето дека во случајот на Македонија, постигнувањата се ограничени од недоволното ниво на финансиска писменост, како и од нискиот стандард. Исто така, беше посочено дека во светот има најразлични видови осигурување, се осигурува се што е од важност за луѓето, па дури има и осигурување од лоши оценки, наменето за учениците. Наспроти тоа, кај нас се уште се доминантни продуктите од традиционалното осигурување. Овој панел беше насловен „Актуелни трендови и можности за идeн раст и развој на осигурителниот сектор“. Го модерираше Маја Парнарџиева – Змејкова, раководител на стручната служба за супервизија во АСО, а учествуваа Александра Дранговска и Горан Здравковски, членови на Совет на експерти на АСО; Бобан Томески, генерален директор на Кроација осигурување – живот; Салаудин Имами, член на Управниот одбор на Граве осигурување – неживот; и Ана Секуловска, продукт менаџер за интернационални продукти од областа на осигурување неживот.

    На вториот панел посветен на новите регулаторни барања за солвентност, финансиско известување и ревизија на друштвата за осигурување, домашни и меѓународни стручњаци разменија мислења за тоа како управувањето со промените да се направи што поефикасно и ефективно. Тоа, од аспект на новите стандари што треба да се применат и кај нас, што бара синхронизиран настап на осигурителите, регулаторот и актуарите. Во тој поглед Хрватска е лидер во регионот, а за искуството од спроведувањето на стандардите говореше Ива Иванковиќ од Дирекцијата за надзор на осигурувањето – ХАНФА. Панелот на кој дискутираа и Атанаско Атанасовски, професор на Катедрата за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ, Цветлана Винцензи Маркулевска, претседател на Македонското актуарско здружение, Симе Јовановски, директор во одделот за ревизија – Прајсвотерхаус Куперс и Борче Богески, член на УО на Уника Скопје, го модерираше Коста Спасески, генерален советник во АСО.

    Како што нагласија експертите на настанот организиран од АСО, иднината на пазарот зависи од тоа колку граѓаните ќе ја препознаат вредноста на осигурувањето – не како трошок, туку како алатка за справување со ризици. Македонскиот сектор за осигурување има значителен потенцијал и бележи континуирани високи стапки на раст на вложувањата, но за напредок е потребна едукација на населението, уште од најраната возраст. Според панелистите, тоа е најдолгиот, но и најсигурниот пат. Претставниците на индустријата и регулаторот посочија дека иновативните производи, дигитализацијата и транспарентноста ќе бидат клучни за идниот развој.

    Токму затоа што едукацијата за значењето на осигурувањето е приоритет на АСО регулаторот континуирано низ годините работи плански за зголемување на финансиската писменост за значењето на осигурувањето како столб за благосостојба на македонското општество.
    АСО во рамки на својата програма за финансиска едукација активно соработува по повеќе основни и средни училишта ширум земјава. Исто така секоја година по повод Денот на осигурувањето организира конкурс на кој стотици ученици ширум земјава пријавуваат цртежи, песни и есеи од областа на осигурувањето. И годинава на одбележувањето на Денот на осигурување АСО награди и пофали повеќе од дваесетина ученици од најразлични возрасти од сите краеви на Македонија.

    На настанот по повод Денот на осигурувањето АСО промовираше нова генерација високо-стручни профили актуари специјалисти за математички модели кои се основа за управување со ризиците – кор дејноста на осигуретелната индустрија.
    Исто така како на секоја годишнина на АСО и годинава по 15 пат беше избран и награден најдобар истражувачки труд на млад истражувач од областа на осигурувањето и управувањето со ризици.

    По традиција, на први ноември во глобални рамки се нагласува – зошто е важно да се осигураме – не само од ризици и штети, туку и од неизвесноста што секојдневно ја носи животот. Осигурувањето претставува еден од темелите на секоја стабилна економија, бидејќи создава заштитна мрежа за граѓаните и за компаниите, а воедно претставува извор на долгорочни инвестиции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично