Износ од 1,13 милиони евра е вложен во 596 акции на Макпетрол. Тоа е исходот од трите-блок трансакции реализирани во четвртокот на 9 октомври. За секоја акција се платени по 117 илјади денари.
Првиот блок е најголем. Содржи 300 акции кои чинат 35,1 милион денари (570,7 илјади евра). За 160 акции во вториот блок се пресметани 18,72 милиони денари (304,4 илјади евра). Вредноста на третата трансакција е 15,9 милиони денари (258,7 илјади евра), а купени се 136 акции.
Истиот тој ден, на официјалниот пазар биле истргувани 110 акции по цена од 116.546,90 денари и со промет од 12.820.160 денари (208,4 илјади евра).
Со последниве три, од втори септември досега статистиката на Македонска берза регистрирала 13 блок-трансакции. Преку нив се вршела купопродажба на количини од 20 до 100 нафтени акции. Притоа, најниската единечна цена била 116 илјади денари, застапена во осум блока. А, во еден се искачила до 117.200 денари.
Најголемата трансакција е со датум од 18 септември. Инвестицијата во 100 хартии од вредност со знакот на Макпетрол чинела 11,64 милиони денари, односно 189,3 илјади евра.
Во сите тие блок-трансакции се купени 1.094 акции за 127.576.000 денари, што е еднакво на речиси 2,1 милион евра.
Во тој период од нецели два месеци, од компанијата во три наврати ја информираа инвеститорската јавност за настанатите промени во акционерскиот капитал. Сите поврзани со зголемување на уделот што Оилко КДА гоо има во Макпетрол. Командитното друштво, според последното известување од 6 октомври, поседува 28.455 обични акции. Тие претставуваат 25,32 отсто од капиталот.
Интересот за ове акции е постојан. Тие секогаш се меѓу петте најтргувани на Берзата, но минатиот месец направија пробив на второто место.
Познавачите на берзанските состојби велат дека со оглед на целиот бизнис и на имотот со кој располага Макпетрол, интересот е разбирлив. Со забелешка: а, со оглед на сето тоа, вредноста на акцијата е потценета.