ПОВЕЌЕ

    Колку СЕПА ги поевтини трансакциите во евра со странство? Што покажуваат тарифниците на трите најголеми банки?

    Време зa читање: 6 минути

    Дојде и тој ден – 7 октомври 2025 година, од кога граѓаните и компаниите можат да праќаат и примаат евра од над 40 европски земји по многу пониски банкарски провизии од досегашните. Девет домашни веќе овозможија побрзи и поевтини плаќања во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).

    Овој „историски чекор“ за платежните услуги во земјата, како што сакаат да го наречат во НБРМ, им овозможи на македонските банки да се интегрираат во европските платежни шеми. Согласно објавените канали од Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври СЕПА плаќањата ќе бидат овозможени преку НЛБ банка, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка, Шпаркасе банка, Халк банка, ПроКредит банка, ТТК банка, УНИ банка и Централна кооперативна банка.

    „Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шест пати помалку за електронско плаќање за износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД, наспроти 1.600 МКД колку што плаќаат во моментот преку кореспондентно банкарство. За приливите во евра на истата вредност од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД, наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство“, информираат од НБРМ.

    Според централната банка, значително се намалуваат и трошоците на компаниите кон банките. „За плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осум пати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД, наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД, наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство“, соопштија од НБРМ.

    Дел од банките веќе ги објавија новите тарифници. Колку поевтинија трансферите во евра со странство за граѓаните и за компаниите во трите најголеми банки, може да се согледа од податоците презентирани во оваа анализа на Пари.

    Стопанска банка прва ги објави овие тарифицини затоа што оваа банка од 5.10.2025 година официјално започна со извршување СЕПА (Single Euro Payments Area) кредитни трансфери.

    Преку SEPA клиентите на Банката ќе можат да извршуваат плаќања во евра под исти услови како и во рамките на земјите од ЕУ, со значително намалени трошоци и скратено време на процесирање. Плаќањата ќе се обработуваат најдоцна до следниот работен ден, што значи и подобра контрола и следење на трансакциите“, информираше Стопанска банка АД Скопје.

    Според СЕПА тарифникот, тарифите на Стопанска банка за правни лица и за приливи и за плаќања во евра не надминуваат 20 евра. За физички лица, пак, најскапата провизија за плаќања во евра кон странство со хартиен налог е 16 евра, а со електронски налог е 10 евра.

    Во реалноста ова значи – ако една фирма сака да плати во странство 10.000 евра со редовен SWIFT трансфер, оваа платежна услуга во Стопанска банка ќе ја чини 27 евра + 350 денари за SWIFT пораката. Со SEPA трансфер ќе ја чини 10 евра. Ако физичко лице сака да префрли, на пример, 5.000 евра во странство, со SWIFT трансфер ќе го чини 25 евра + 350 денари за SWIFT пораката. Со SEPA трансфер со хартиен налог ќе го чини 6 евра, а со електронски само 3 евра.

    НЛБ банка започна да нуди СЕПА трансфери од 7 октомври и ги извести клиентите дека „парите ќе патуваат побрзо, поевтино и поедноставно во странство“.

    Според НЛБ банка, предностите на СЕПА плаќањата и приливите се што имаат значително намалени надоместоци – физички лица може да вршат електронски трансфери со надоместоци кои почнуваат од 1 евро, додека за компаниите надоместоците за е-налози се и до 7 пати пониски од редовните со SWIFT трансфери.

    Сега трансферот на средства во Европа е речиси ист како дома – брзо, безбедно и поволно“, истакнуваат од НЛБ банка.

    Според тарифникот на НЛБ банка, за трансфер, на пример, од 10.000 евра во странство, со редовен SWIFT фирма ќе плати провизија од 30 евра. Со SEPA трансфер ќе плати 1.250 денари на шалтер, а 620 денари со електронско банкарство.

    Физичко лице, пак, за трансфер на 5.000 евра со хартиен налог со SWIFT ќе плати 25 евра + 300 денари за SWIFT пораката, а со електронски налог 20 евра + 300 денари. Со SEPA трансфер со хартиен налог ќе плати 990 денари ако трансферот го врши на шалтер, а 620 денари ако користи електронско или мобилно банкарство.

    Комерцијална банка, исто така, извести дека од 7 октомври овозможи девизни СЕПА кредитни трансфери, кои може да се реализираат во експозитурите на Банката или електронски. Од Банката истакнуваат дека девизните СЕПА кредитни трансфери може да се извршуваат исклучиво во валута евра, кон земји-членки на СЕПА и кон банки регистрирани за СЕПА кредитни трансфери, а термински план за извршување на трансферите со валута ист ден е 12 часот.

    „Дали една девизна трансакција ќе се изврши како СЕПА кредитен трансфер е прашање на договор меѓу партнерите во зделката. За СЕПА кредитните трансфери важи истата регулатива од доменот на платежните услуги и девизното работење како и за стандардните кредитни трансфери во странство што се извршуваат преку коресподентско банкарство“, информираат од Комерцијална банка.

    Клиент правно лице на Комерцијална банка, според овие тарифи, за кредитен трансфер-плаќање во странство со дознака од 10.000 евра со редовен трансфер ќе плати 500 денари плус 250 денари за SWIFT плус 10 евра ако биде вклучен и OUR трошок. Со SEPA трансфер излегува дека ќе плати само 600 денари.

    Физичко лице, пак, за трансфер на 5.000 евра со хартиен налог со SWIFT ќе плати 7,5 евра плус 250 денари за SWIFT пораката плус 1.250 денари OUR трошок. Со SEPA трансфер со хартиен налог ќе плати 360 денари, а со електронски само 300 денари.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично