ПОВЕЌЕ

    Акциите на Окта и на Тетекс со најголем раст и пад во септември

    Време зa читање: 2 минути

    Акцијата на скопска Окта минатиот месец забележала најголем раст на вредноста. Позитивната промена е за 8,91 насто. Просечната цена, која на крајот од август изнесувала 4.500 денари, се зголемила на 4.901 денар.

    Со растот од 4,30 насто, второрангирана е акцијата на Адинг. Септември го завршила со просек од 2.398,86 денари, за разлика од претходниот – 2.300 денари.

    Приоритетните акции на Стопанска банка Скопје се на средината од позитивната берзанска листа. Зголемувањето е од 776 на 800 денари, односно за 3,09 насто.

    Следи акцијата издадена од Фершпед. Растот е 2,99 насто, од 53.500 денари на 55.100 денари.

    На 29 август акцијата на ВВ Тиквеш имала просечна вредност од 6.201 денар, а на 30 септември 6.320 денари, што претставува промена од 1,92 насто.

    Податоците од месечниот билтен на Македонска берза покажуваат дека најголемиот пад е регистриран кај акцијата на Тетекс Тетово, за 5,76 отсто. Од 2.328 денари во август на 2.194 денари во септември.

    За 2,86 отсто е намалена вредноста на акцијата на Македонијатурист, која од 10.500 се спуштила на 10.200 денари.

    Во текот на септемвриското тргување опаднала и просечната цена на акцијата со знакот на Комерцијална банка – од 28.394,88 денари на 27.765,94 денари. Разликата е –2,21 отсто.

    Месечна промена од еден денар има кај акцијата на РЖ Услуги Скопје, или за 2,17 отсто. Со тоа септемврискиот просек е 45 денари.

    Листата на акциите со најголем пад завршува со Алкалоид, каде што е запишан минус од 2,04 отсто. На крајот од август просечната вредност на акцијата била 26.327,57 денари, а на последниот ден од септември 25.791,21 денар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично